Компанијата ЕВН која пред неколку дена ја раскопа улицата Васил Ѓоргов во скопски Капиштец откако беше асфалтирана и обележена, нема да биде казнета. Градоначалникот Петре Шилегов не гледа никаков проблем во направениот прокоп на веќе поставен асфалт и вели дека тој бил направен додека траела градежните работи.
На 4 февруари 2019 година Шилегов на прес-конференција најави дека откако на улицата ќе биде поставен нов асфалт, таа нема да смее да се прекопува, освен во итни случаи, ако пукне цевка или друг поголем дефект. Тогаш Шилегов рече дека пред почетокот на градежната сезона Град Скопје ќе ги објави имињата на сите улици кои се планираат во тековната година да се реконструираат и периодот во кој ќе се прават. Компаниите ќе треба до почетокот на градежните работи да ги изведат сите инсталации кои им се потребни на наведените улици.
Денеска Шилегов на прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК дали ЕВН ќе биде казнета за прокопот направен откако беше асфалтирана улицата, а не пред градежните работи како што најави лани, рече дека констатацијата не ни била точна.
„Улицата не беше завршена. ЕВН изврши еднаш прекоп, но не бев задоволен од тоа како изгледаше, постоеше опасност улицата да пропадне и да имаме за неколку месеци дупка. Од тие причини дадов налог да се поправи таа линија на кабелот на ЕВН и како што гледате слеан е асфалтот“, рече Шилегов.
Шилегов денеска кажа дека завршиле со есенската акција за реконструкција на улиците низ Скопје. Најави дека наскоро ќе почна со реконструкција и проширување на улицата Никола Карев или Пластичарска улица од крстосницата кај амбасадата на САД до крстосницата кај Момин Поток.
А. АНТЕВСКА