Денеска заврши триесетдневниот рок за аплицирање за Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата. Културните работници изминативе денови реагираат дека со часови стојат во редици пред Министерството, за да ги поднесат рачно апликациите. Редиците настануваат затоа што, поради состојбата со ковид и протоколите за превенција, писарницата со странки работи само од 9 до 12 часот. Министерството неколкупати апелираше и ги потсетуваше уметниците пријавите да ги праќаат по пошта, иако дел од нив реагираа дека тоа е несигурно оти им се случувало поштенските пратки да не стигнат или да им се вратат неиспорачани.
„И покрај тоа, што потребните документи можеа да се поднесат и преку Пошта, огромен дел од апликантите одлучија лично да ги донесат. Изразуваме искрено жалење што и покрај напорите, не стигнавме пријавувањето на конкурсите уште од оваа година да биде и по електронски пат. Министерството за култура со години не ги поседува алатките кои ќе ја поддржат и издржат електронската апликација, која ќе ни ја олеснеше работата на сите“, велат од кабинетот на министерката Ирена Стефоска.
Оттаму ни рекоа дека во новиот Предлог-закон за јавниот интерес во културата, кој е во собраниска процедура, предвидено е пријавувањето на Годишните конкурси да се одвива преку електронски систем за управување со пријави.
„Затоа, апелираме Законот што побрзо да ги помине собраниските процедури и расправи, за да се реши и овој проблем. Така, ќе се стави крај на оваа долгогодишна, застарена и за ова време непримерна слика пред Министерството за култура“, велат тие.
Министерството вели дека работата по пријавите продолжува. Треба да се систематизираат илјадниците пријави кои потоа ќе се најдат пред стручните комисии.
Б. НЕСТОРОСКА