Oрганизацијата СОКОМ-МАП, основана од Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ, го повика Министерството за култура итно да му ја одземе лиценцата на Здружението за заштита на авторските и музички права (ЗАМП), кое од полноќ забрани јавно емитување на музика од автори кои се нивни членови.
„Го повикуваме Министерството за култура итно да ја одземе лиценцата на ЗАМП и да овозможи непрeчено користење на делата на македонските автори од страна на радиодифузните организации, и да избегне понатамошно трошење на авторските средства поради најавените тужби од корисниците и непочитување на договорните обврски на ЗАМП кон нив“, се вели во вечерашното соопштение на организацијата.
Најавувајќи ја забраната за емитување македонска музика, попладнето ЗАМП рече дека е поради повеќегодишниот притисок од Министерството за култура врз работењето на здружението и создавањето на можноста да се формира паралелно здружение за истите права, СОКОМ МАП.
СОКОМ-МАП вели дека во соопштението на ЗАМП „се изнесени бројни невистини информации во врска со нашата организација, во која пристапија голем број автори незадоволни од работата на стручната служба на ЗАМП. Ова е уште еден обид на ЗАМП за вршење притисок врз надлежните институции со цел оневозможување на функционирањето на СОКОМ-МАП и дејствување на сите незадоволни автори кои утврдиле и пријавиле бројни неправилности во нејзината работа. Недозволиво е стотина автори да носат одлука во име на сите 6.000 македонски автори и носители на авторски права“, соопшти СОКОМ-МАП.