ОД НАРЕДНИОТ МЕСЕЦ СКОПСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ ЌЕ ДОБИВААТ 20 ОТСТО ПОВИСОКА ПЛАТА

    ОД НАРЕДНИОТ МЕСЕЦ СКОПСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ ЌЕ ДОБИВААТ 20 ОТСТО ПОВИСОКА ПЛАТАГрадоначалникот Петре Шилегов и синдикатите на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје денеска постигнаа договор и со тоа го решија проблемот во однос на платите, поради што пожарникарите пред три недели штрајкуваа. (Фото: Град Скопје)

    За 20 отсто ќе биде зголемена платата на скопските пожарникари од наредниот месец. Градоначалникот Петре Шилегов и синдикатите на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје денеска постигнаа договот и со тоа го решија проблемот во однос на платите, поради што пожарникарите пред три недели штрајкуваа.

    Со усвојувањето на измените на правилникот, од следниот месец треба да биде покачена основната плата на пожарникарите, а ова привремено решение ќе важи до моментот додека во Собранието не се донесе законското решение кое ќе ги регулира овие прашања долгорочно.

    „Најдовме законска форма овој проблем да биде бајпасиран со потпишувањето на денешниот правилник, до донесувањето на законот. Моето инсистирање, и како градоначалник и како претседател на ЗЕЛС, е дека ние мора да имаме законска форма на решавање на проблемот на пожарникарите на ниво на целата држава, бидејќи ова е едно парцијално решение кое се однесува само на противпожарната бригада на Град Скопје. Овие луѓе секојдневно ги ризикуваат своите животи за да ги отстранат опасностите во кои се наоѓаат граѓаните и таа нивна благородна дејност мора да биде опфатена со целосно законско решение“, рече градоначалникот Шилегов, по средбата со пожарникарите и потпишување на правилникот.

    Законското решение, со кое ќе се решат надоместоците и висината на платите на пожарникарите, треба да се донесе во јуни наредната година.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира