МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ ВО КУМАНОВО БАРААТ ПОВЕЌЕ ДНЕВНИ ТЕРМИНИ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА ОД СЕЗОНСКИ ГРИП

    МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ ВО КУМАНОВО БАРААТ ПОВЕЌЕ ДНЕВНИ ТЕРМИНИ ЗА ВАКЦИНАЦИЈА ОД СЕЗОНСКИ ГРИПОваа година за Куманово, Кратово и Крива Паланка се предвидени околу 3.000 вакцини, а лекарите велат дека треба најмалку 6.000 вакцини. - Матичниот лекар Фатмир Асани (Фото: СДК.МК)

    Матичните лекари од Куманово бараат повеќе дневни термини за вакцина на сезонски грип, бидејќи сегашните четириесетина не се доволни за потребите на нивните пациенти. Тие се жалат дека термините ги чекаат по цел ден, а кога ќе ги пушта се пополнуваат за неколку минути затоа што во градот има над 100 матични амбуланти. Поради тоа поголем дел од нив досега воопшто на успеале да закажат ниту по еден термин, а имаат голем број на пациенти кои се пријавиле.

    „Треба да сме хакери или да играме брзи прсти за да можеме во тие 5-10 минути да закажеме. Вчера термините беа пуштени во 17.30 и во 17.35 часот и веќе немаше слободен термин. Околу четириесетина термини дневно од кои по 5 се хронично болни и по 5 за здравствени работници а останатите за другите пациенти. 250 термини неделно се премалку за толкав број на население. Бараме дневно да има од 100 до 150 термини за да можеме да одговориме на барањата на пациентите. Сите колеги се незадоволни и бараат да реагираме да се најде решение на проблемот“, вели др. Фатмир Асани, претседателот на Здружението на матични лекари во Куманово.

    Во однос на објаснувањето на Министерството за здравство дека се дава мал број на термини за да не се создаваат гужви во службата за имунизација лекарите велат дека се подготвени самите да ги вакцинираат своите пациенти за да помогнат процесот да заврши побрзо. Оваа година за Куманово, Кратово и Крива Паланка се предвидени околу 3.000 вакцини, а лекарите велат дека треба најмалку 6.000 вакцини.

    „Пациентите ни вршат притисок сакаат да се вакцинираат, а ние немаме начин да им помогнеме. Јас досега имам закажано само на двајца пациенти, а имам 70-80 луѓе кои чекаат. Ако не можат да се организираат нека ги дадат вакцините ние ќе ги боцкаме пациентите. Или нека ги расподелат дозите на сите амбуланти рамноправно. Вака нема смисла, каде нема доволно вакцини, па нема ни термини. Вакцинацијата требаше да почне во октомври, па задоцни. Ако се продолжи со ова темпо ќе трае до февруари, што нема никаква логика, а ќе нема ни ефект бидејќи сега е сезона на грипов. Вакцинацијата треба да заврши најдоцна до 20 декември ако сакаме да има некаков резултат“, вели д-р. Бране Ивановски.

    Лекарите повторно потсетија дека се незадоволни и од бројот на термини од ковид-19, по 10 дневно, поради што нивните пациенти чекаат и по 7-8 дена за да дојдат на ред и најчесто одат во приватните лаборатории да се тестираат.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира