ИНСПЕКЦИЈА ВО „8 СЕПТЕМВРИ“ ПО ОБВИНУВАЊАТА ДЕКА СЕ ПРИМААТ САМО МЛАДИ ПАЦИЕНТИ

    ИНСПЕКЦИЈА ВО „8 СЕПТЕМВРИ“ ПО ОБВИНУВАЊАТА ДЕКА СЕ ПРИМААТ САМО МЛАДИ ПАЦИЕНТИВо ГОБ „8 Септември“ најмладиот пациент заболен од ковид -19 е на 20 годишна возраст. Инспекцијата утврдила дека од 107 лежечки пациенти, 38 се на возраст од 68 до 88 години. (Фото: К. Попов)

    Министерот за здравство Венко Филипче вели дека хоспитализацијата на пациентите во ниту еден случај не зависи од нивната возраст, и дека секој пациент, без разлика колку години е, има подеднакво право на болничка нега и третман. Министерството за здравство соопшти дека Филипче рано утрово побарал од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) да извршат вонреден инспекциски надзор за утврдување на возраста на пациентите хоспитализирани во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, откако на социјалните мрежи и во медиумите излезе информација дека наводно пациент кој требало да се хоспитализира во Ковид-центарот во таа болница бил вратен поради неговата возраст.

    ДСЗИ попладнево го информираше министерот Филипче дека по извршениот надзор е утврдено дека во „8 Септември“ од 107 лежечки пациенти, 38 се на возраст од 68 до 88 години.

    Министерот разговарал и со директорот на Болницата, д-р Христијан Костов, и според него, во моментов во „8 Септември“, најмладиот ковид пациент е на 20 годишна возраст, а хоспитализирани се и пациенти над 72 години. Костов појаснил дека пациент не може да биде вратен, единствено може да биде препратен во друг ковид-центар доколку во „8 Септември“ нема слободен кревет, а додека пациентот чека да биде пренесен во друга болница, му се прават потребните анализи и со амбулантно возило се носи во Ковид-центарот каде има слободен кревет за да биде хоспитализиран.

    Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во Скопје и во болниците низ земјава е 1.291 и има колку 170 празни болнички кревети во ковид центрите. Во тек на денот, вели Министерството за здравство,  се прават и исписи на оздравени пациенти со што ќе се ослободат дополнителни легла. Во изминатите 24 часа во Ковид центрите во Скопје хоспитализирани се 19 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 470 лица сомнителни и потврдени за ковид-19  се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира