Во тек се засилени работи за уредување на земјиштето каде што ќе биде поставена монтажната ковид болница во Велес. Таа ќе се наоѓа до хелиодромот на Градската болница, на површина од 1.000 квадратни метри. Заради побрз ископ и нејзина реализација, работат три градежни фирми, кои, според проценките, треба да исфрлат 2.800 кубни метри земја. За овие градежни работи, кои опфаќаат и поставување на инфраструктура, локалната власт обезбеди 1,5 милиони денари.
„Општина Велес треба да обезбеди приклучоци за вода за пиење, прибирање и одвод на фекалните води и за електрична енергија, како и ископ и исфрлање на земјен материјал, со што ќе се создадат услови за започнување на изградбата на основата, на која ќе се постават елементите на модуларната болница“, изјави д-р Божидар Бојаџиев, директорот на велешката болница.
Таа, според планот за работа, треба да има 45 легла. Откако ќе се постави основата, потребни биле 7-8 дена за производство и уште толку денови за монтирање на болницата, што ќе го работи велешки „Брако“.
П. ПЕЧКОВ