Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи со службеното возило Фолксваген пасат утрово беше паркиран на Кеј 13 Ноември во Скопје. Иако на шеталиштето е забрането паркирање и градоначалниците на Општина Центар и Град Скопје Саша Богдановиќ и Петре Шилегов постојано апелираат граѓаните да бидат совесни, денеска прекршок направи и потпретседателот на Владата и член на СДСМ Битиќи.
Екипата на САКАМДАКАЖАМ.МК го регистрираше службеното возило паркирано на плочникот меѓу терасите и регистрацијата потврдуваше дека е владино возило. Шоферот стоеше пред колата, која цело време работеше и работеше. После извесно време го забележавме вицепремиерот Битиќи како излегува од едно од кафулињата на кејот, влезе во возилото и замина.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи во Владата Пеце Мирчевски ни потврди дека возилото со тие регистарски таблички е службено владино возило и го користи вицепремиерот Битиќи.
„Никој не смее да ги прекршува законите и сообраќајните правила. Возачот на возилото ќе биде казнет на плата уште овој месец“, вели Мирчевски.
На 23 септември годинава, на Кејот исто така беше паркиран и службениот ‘пасат‘ на министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој тогаш заработи казна од инспекторите на Град Скопје во висина од 50 евра за недозволено паркирање на пешачка патека.
А. АНТЕВСКА