Педесет години откако тогашниот канцелар Вили Брант клекна пред меморијалот за Варшавското Гето, германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас кажа дека овој гест бил момент на себеоткривање за Германија.
„Клекнувањето на Вили Брант придонесе за себеоткривањето на Германија и за помирувањето во Европа како ниеден друг настан по Втората светска војна. Денес е од суштинско значење заедно со Полска да ја градиме иднината на нашата обединета Европа, со цел континентот да го направиме посилен“, изјави Мас.
Брант ја посети Варшава на 7 декеври 1970 година со цел да потпише договор со кој се признаваат полските западни граници на реките Одра и Лужичка Ниса, што беше од големо значење за Полска, која во тоа време беше под советската сфера на влијание. Посетата се реализираше во рамките на германската политика на отворање кон источните соседи.
Откако положи венец на споменикот посветен на хероите и жртвите на Гетото, Брант неочекувано клекна и им оддаде почит.
„Во тој момент беше јасно дека тоа означува почеток на нова ера“, кажа Мас.
Иако признава дека ова придонесло за помирувањето во Европа, полскиот амбасадор на Берлин Анджеј Пжилебски ја искористи можноста да потсети дека Германија сѐ уште не ѝ платила никаква воена отштета на Полска. Германската влада ги одбива сите барања за воена репарација.