ОПШТИНАТА ГРАДИ УЛИЦА ВО ТЕТОВСКОТО РОМСКО МААЛО, ЖИТЕЛИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА ОД ТАМПОНАЖАТА ИМ СЕ ПОПЛАВИЈА ДВОРОВИТЕ

    ОПШТИНАТА ГРАДИ УЛИЦА ВО ТЕТОВСКОТО РОМСКО МААЛО, ЖИТЕЛИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА ОД ТАМПОНАЖАТА ИМ СЕ ПОПЛАВИЈА ДВОРОВИТЕУлицата е долга неколку стотини метри и во првата фаза само е тампонирана, покриена со камења. (Фото: СДК.МК)

    Општина Тетово деновиве постави тампон од камења на една од улиците во ромското маало кое се наоѓа на крајот од улицата 29 Ноември, веднаш до реката Пена. Во ова маало, каде има триесетина куќи и каде условите за живот се далеку под стандардите, ова е прва инвестиција која Општината ја прави за неговите жители. Улицата е долга неколку стотини метри и во првата фаза таа само е тампонирана, односно е покриена со камења. Но, жителите на оваа населба велат дека иако Општината сакала да им помогне, со ова им направила поголема штета.

    „Наместо да ни помогне, Општината сега ни направи поголема штета. Навистина, оваа улица до неодамна беше целата со кал но, сега кога ја тампонираа, ни направија поголема штета. Сега сета вода од дождот кој деновиве паѓаше ни се слева во дворовите и ни ги поплавува. Ако сакаа да ни помогнат тогаш требаа веднаш да ја асвалтираат улицата и да направат одводни канали. Вака, сега два дена пливаме во вода. Рекоа дека ќе ни постават и канализација, ама еве само камења поставија и ништо друго. Барем песок да ставеа, вака нозете ќе си ги испокршиме по овие камења. Педесет години овде живееме и ништо не е направено“, вели Хашим, жител на оваа ромска населба.

    Поставувањето на канализација и асвалтирање на улицата во ромското маало е дел од мал грант од програмата РОМАКТЕД кој е финасиран од Советот на Европа и Европската унија, а го спроведуваат Општина Тетово и невладината организација АДР „Сонце“ од Тетово.

    „Овој проект требаше нешто порано да започне да се релизира, но малку задоцни поради пандемијата. Првата фаза од овој проект е финансиран од од Советот на Европа и Европската унија, а втората фаза ќе го финансира Општина Тетово преку рседства од општинскиот буџет. Со втората фаза од проектот треба да се постави канализација, водоводна мрежа и улицата да се поплочи со бекатон плочки. Втората фаза палнираме да ја реализираме наредната година во април, за која Општина Тетово треба да издвои околу 10 милиони денари“, вели претседавачот на Советот на Општина Тетово Беким Мемети.

    Од ромската организација „Сонце“, преку која се реализира овој проект, уверуваат дека работите ќе бидат завршени, а овој мал прекин е само поради лошите временски услови кои не дозволувале да продолжат градежните работи.

    „Ова што сега се гради е само првата фаза од овој проект и чини 10 илјади евра и опфаќа тампонирање, поставувања ивичници и канали за отпадните води. Програмата РОМАКТЕД од Советот на Европа и Европската унија се имплементира во земјите на Западен Балкан и со неа се опфатени 12 општини во Македонија, Тетово е една од нив, а приоритет е ромската заедница. Во ромската населба во Тетово работите времено се во прекин поради дождот што деновиве паѓаше. Разговаравме со фирмата која ги изведува работите и тие ни рекоа дека работите да завршат за 4-5 денови, во зависност од временските услови“, изјави Ферди Исмаили, извршен директор на НВО „Сонце“.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира