На некогашниот напуштен простор зад бараките во населбата 11 Октомври во Општина Кисела Вода, засадени се 200 дрвја во есенската акција за зазеленување на градот. Од Град Скопје велат дека се засадени висококвалитетни дрвја кои напролет ќе развијат убави крошни, чии сенки ќе придонесат за намалување на температурата во жешките месеци и ќе го раззеленат овој јавен простор кој до неодамна беше дива депонија.
„Со новите стандарди на квалитет нема да се чекаат неколку години дрвјата да пораснат и да дадат крошни. Дрвјата кои ги садиме низ цело Скопје се со просечна висина од околу 5,5 метри и веќе изградена крошна и веднаш ќе се вклопат во екосистемот на нашиот град, толку потребно за прочистување на воздухот“, велат од Град Скопје.
Овој простор меѓу улицата Лазар Димитров и железничката пруга, кој е на околу 2-3 км од центарот на градот, со децении беше запуштен и на него се создаваа поголем број депонии со шут и отпад. На почетокот на годинава, екипите на Град Скопје го расчистија просторот со површина од околу 16.000 метри квадратни, го израмнија теренот и засадија нова трева. Изградено е и детско игралиште и парк за миленици.
К. СЕЛАМОВСКА