Град Скопје заврши со градежните работи за изградба на булеварот Босна и Херцеговина на потегот од улицата Македонско-косовска бригада до раскрсницата на улиците Александар Урдаревски и Ќемал Сејфула. Наместо улица со две ленти сега е изведено булеварско решение со шест коловозни ленти, средишно зеленило, велосипедска и пешачка патека.
„Се сеќавате дека овде имаше една стара улица која исто се викаше Босна и Херцеговина и која 50-тина години не беше реконструирана. Сега, сведочиме на најмодерно сообраќајно решение, со целосна инфраструктура, шест сообраќајни ленти, две велосипедски и две пешачки патеки, средишно зеленило и странично зеленило. Овој булевар всушност е дел од секундарниот северен прстен за којшто разговаравме во текот на кампањата во 2017 година и ова е неговата реализација. Тој ги поврзува граѓаните на општините Шуто Оризари, Карпош, Чаир, Бутел и Железара со преостанатиот дел од градот и заедно со булеварот Христијан Тодоровски Карпош претставува брз излез на обиколницата“, рече на денешната прес-конференција градоначалникот Петре Шилегов.
Изградбата на првиот дел чини 100 милиони денари. Град Скопје во моментов работи на изградба на втората фаза на булеварот, од крстосницата со улиците Александар Урдаревски и Ќемал Сејфула до булеварот Христијан Тодоровски-Карпош. Градоначалникот Шилегов вели дека целиот булевар ќе биде готов напролет.
А. АНТЕВСКА