Дрворед од 100 листопадни дрвја и 1.100 нискостеблести растенија со црвени листови е формиран долж реконструираниот булевар 8 Септември. Новите садници кои се засадени во рамките на есенската акција на Град Скопје за зазеленување на градот, се висококвалитетни дрвја што значи веќе наредната сезона ќе имаат крошна и лисја.
„Станува збор за дрвја и садници кои во различни периоди од годината имаат црвени листови. Ваков дрворед скопјани можеа да видат есенва на новиот плочник пред Градски трговски центар (ГТЦ). Ова се новите стандарди кои интензивно ги воспоставуваме во радот, а тоа се одвоени пешачки и велосипедски патеки со зеленило меѓу нив. Тоа се сериозно видливи промени кои се случуваат и кои чекор по чекор стануваат секојдневие кај нас“, рече градоначалникот Петре Шилегов.
На новиот дрворед ќе се постават табли со имиња на новороденчиња во рамките на проектот „Дрво за секое дете“, а родителите кои сакаат нивното дете да добие дрво кое ќе го носи неговото име, можат да се пријават во Град Скопје.
А. АНТЕВСКА