Смртноста од ковид-19 е намалена за 5,4% за периодот од 7 до 13 декември, во однос на минатата недела, стои во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје. Пријавени се 174 смртни случаи. Во однос на возраста, 142 лица биле над 60 години, 24 лица на возраст од 50-59 години, 4 смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години и по два случаи од возрасните групи од 20-29 и 30-39 години.
Од 7 до 13 декември тестирани се 15.857 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на САРС-КоВ-2, намалување од 9,2% во однос на минатата недела. Во истиот период регистрирани се 5.518 нови позитивни случаи од 35 градови во државата што претставува намалување од 14,6% во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (2.296; 41,6%), со неделна инциденца – 371,7/100.000.
Во периодот на известување процентот на позитивни од тестирани случаи на САРС-КоВ-2 изнесува 34,8%, намалување од 2% во однос на минатата недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (1.503, 27,2%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 години (1.042; 18,9%), 50-59 (1.040; 18,8%), 40-49 (1.030; 18,7%) и 20-29 (648; 11,7%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (73; 1,3%) и 10-19 години (182; 3,3%). Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 2.721 (49,3%) лица од машки и 2.797 (50,7%) од женски пол.
По добиени 2 негативни теста или со употреба на новиот алгоритам, регистрирани се 5.313 оздравени лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 0.2% повеќе во споредба со минатата недела.
Вкупно ковид дијагностицирани, според статистиката до вчера, во земја од почетокот на епидемијата се 75.597, од кои оздравени се 51.493, починати се 2.194, а бројот на активни случаи изнесува 21.910. . Регистрирани се 1.359 смртни случаи кај лица од машки и 788 кај лица од женски пол.
Од случаите кои се епидемиолошки истражени (52.252; 70,8%), кај 10.308 или 19.7% од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето.
Од случаите кои се епидемиолошки истражени (52.252; 70,8%), пријавени се 355 (0,7%) случаи кај бремени жени, од кои 58 биле хоспитализирани во текот на болеста. Од вкупниот број на регистрирани бремени жени, 99 се асимптоматски случаи.
Од случаите кои се епидемиолошки истражени (52.252; 70,8%), регистрирани се 2.744 (5,3%) случаи на заболување меѓу здравствени работници.
Во однос на коморбидитети, од случаите кои се епидемиолошки истражени, кај 14.863 (28,4%) лица се присутни хронична/и здравствени состојби, од кои 10.476 лица имаат кардиоваскуларна болест, 3.850 дијабет, 1.933 се со хронична белодробна болест и 3.124 со други хронични болести. Од хоспитализираните случаи, кај 3.857 (62,1%) се присутни коморбидитети.
Од почетокот на коронакризата, регистрирани се 8 смртни случаи кај бремени жени и 16 смртни случаи кај здравствени работници. Сто триесет и еден (6,1%) од пријавените случаи починале во вонболнички услови, а 2.016 (93,9%) починале за време на хоспитализација.