Град Скопје вгодина ќе стартува со реализиција на проектот за паметно осветлување на градот. Тоа подразбира инасталација на околу 10.000 нови ЛЕД светилки на сообраќајниците, плоштадите и јавните површини во надлежност на Градот, со што ќе го модернизира постоечкиот систем и ќе ја унапреди енергетската ефикасност.
„Согласно иницијалните анализи, замената на постоечките натриумови и живини светилки со ЛЕД светилки како извори на енергетско ефикасно осветлување и дополнително користење на опцијата за нивна паметна регулација на светлосниот интензитет, носи потенцијал за заштеди на потрошувачката на енергија за јавното осветлување од околу 70 отсто во однос на постоечкиот систем“, велат од Град Скопје.
Покрај паметното осветлување, предвидено е изработка на платформа за дигитален град, која подразбира изработка на систем за паметно паркирање, систем за мониторинг на квалитетот на воздухот, систем за јавно мислење и задоволство на граѓаните, систем за паметно мерење на потрошувачка на вода, како и Градски портал.
Системот дигитален град и паметно осветлување ќе го спроведува „Македонски Телеком“ кој го доби тендерот вреден 5,5 милиони евра. Од Град Скопје објаснуваат дека во договорот потпишан со „Македонски Телеком“ е предвидено исплатата да оди етапно односно откако ќе почнат да се реализираат заштедите од потрошената струја.
А. АНТЕВСКА