Владата ги забрани сите летови од Велика Британија во земјава, соопшти премиерот Зоран Заев, по појавата на мутацијата на ковид-19. Комисијата за заразни болести утрово препорача 14-дневна изолација за патниците од Британија за патниците од Велика Британија ако влезат преку патни гранични премини.
„После најновите информации поврзани со појавата на забрзано ширење на коронавирусот во Велика Британија, на денешниот главен кризен ковид-штаб донесовме одлука за забрана за сите летови од Велика Британија во Северна Македонија. Дополнително, се воведува и задолжителна 14-дневна самоизолација за сите патници што по воздушен или копнен пат, директно или индиректно пристигнуваат од Велика Британија во Северна Македонија“, напиша Заев на Фејсбук.
„Визер“ има два пати неделно летови од Лондон (Лутон) до Скопје (во вторник и четврток) и три пати неделно до Приштина. Соседна Бугарија веќе ги забрани летовите од Лондон до Софија.
Холандија прва реагираше и ги забрани сите летови од островот, а потоа со иста мерка ја следеа Белгија и Италија. Белгија кажа дека на најмалку 24 часа ќе ги запре и возовите кои доаѓаат од Британија.
Ирска најави дека ќе ги ограничи летовите и траектите од Велика Британија, а Франција кажа дека на 48 часа ќе ги суспендира летовите и товарниот превоз. И Германија ги забранува летовите од денес , додавајќи дека многу сериозно ги зема предвид извештаите од Британија.
На забраната се придружија и Австрија, Хрватска, Швајцарија, Шведска, Чешка и трите балтички земји.
Надвор од ЕУ, Канада соопшти дека привремено, 72 часа ќе ги забрани патничките летови од Велика Британија.