ИМАМЕ НАЈМАЛА СТАПКА НА СЕЗОНСКИ ГРИП ДОСЕГА, НЕ Е ИСКЛУЧЕНО ЗАБОЛЕНИ ОД КОВИД-19 ДА ИМАЛЕ И ГРИП, ВЕЛИ Д-Р ДАНИЛОВСКИ

    ИМАМЕ НАЈМАЛА СТАПКА НА СЕЗОНСКИ ГРИП ДОСЕГА, НЕ Е ИСКЛУЧЕНО ЗАБОЛЕНИ ОД КОВИД-19 ДА ИМАЛЕ И ГРИП, ВЕЛИ Д-Р ДАНИЛОВСКИБројот на заболени од грип оваа сезона е за 63,9% помал во однос на типичната сезонска крива. (Фото: К. Попов)

    Може да се случи да нема врв на грипот оваа сезона, поверојатно е да имаме само благо покачување во бројот на случаи, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски, кој е и раководител на Институтот за епидемиологија и биостатистика со медицинска информатика. Годинава е забележана најмала регистрирана бројка на заболени од грип во изминативе години.

    Според последните податоци од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во сезоната 2020/2021 вкупниот број заболени е 288 или 45,1% помалку во споредба со истиот период минатата сезона и 63,9% помалку во однос на типичната сезонска крива.

    Сезоната на грипот му почнува во ноември, а врвот му е некаде во јануари и февруари. Денес имаме најмала бројка на заболени од грип во последните години, но, вели професорот Даниловски, мораме да бидеме свесни дека многу веројатно голем дел поминале нерегистрирано, заедно со огромниот број нерегистрирани ковид-19 случаи. Не е исклучено многу случаи на ковид истовремено да имале и грип. Впрочем, додава тој, и порано вистинскиот број не се знаел, затоа што огромен број не се ни јавувале на лекар поради лесните симптоми.

    „Оваа сезона грипот го изгуби приматот меѓу респираторните заболувања. Иако кулминацијата обично настанува во јануари и февруари, сепак, може да се случи врв да нема. Впрочем, и на јужната полутопка, каде што сезоната на грипот помина, изостана ‘пик’ на грипот. Зошто е тоа така? Очигледно поради тоа што мерките против ковид-19 го спречија ширењето и на грипот. Понатаму, веројатно е дека голем број случаи воопшто не се детектирани и регистрирани. Постои веројатност дека дел се наоѓаат и меѓу одреден број случаи на ковид-19. Тука, пред сè, мислам на случаите со лесни симптоми, кои воопшто не се јавиле на доктор. Можеби постои одреден број и со двојна инфекција, но тоа не можеме да го знаеме“, вели д-р Даниловски, кој е и поранешен министер за здравство.

    Според него, интересно ќе биде еден ден по пандемијата да се направи една епидемиолошка студија на серопреваленција за сезонски грип, за определување на антитела против вирусот на грипот и тоа токму кај граѓаните кои прележале ковид-19.

    „Денес имаме најмала бројка на заболени од грип во последните години, но мораме да бидеме свесни дека многу веројатно голем дел поминале нерегистрирано, заедно со огромниот број нерегистрирани ковид-19 случаи“, вели д-р Даниловски. (Фото: Приватна архива)

    Го прашавме да ни образложи дали во земја со над 20 илјади активни заболени од ковид-19  различно се шират ковид-19 и сезонскиот грип, и дали ако и порано сме носеле маски исто така ќе била мала бројката на заболени од грип.

    Епидемиологот Даниловски вели дека неодамна со една студија се потврдило нешто што од самиот почеток на пандемијата се претпоставувало. Имено, вели тој, од самиот почеток се правеше аналогија со грипот, односно дека формирањето на синџирот  на инфекција се случува хомогено (рамномерно) низ населението. Но, тоа е така кај грипот.

    „Кај ковид-19 се покажа дека тоа не е точно. Кај него, постои хетерогено пренесување (нерамномерно), што подразбира дека само помал дел од заразените (околу 20 проценти) се одговорни за заразување на 80 проценти осетливи лица. Тие се т. н. суперпренесувачи. Останатите 80 проценти го пренесуваат вирусот само на други 20 проценти осетливи лица. Оттука произлегува и потребата во стратегијата за сузбивање на епидемијата/пандемијата да мора да се идентификуваат тие суперпренесувачи. Тоа се најчесто луѓе кои имаат интензивно социјално живеење. Се движат постојано на места каде што се собираат многу луѓе на мал простор, гостителски објекти, обложувалници, но и по приватни домови забави, журки… Значи, поентата на стратегијата треба да биде редуцирање на динамиката на нивното движење. Или поинаку кажано, поголем ефект ќе има стратегија со мерки фокусирани, пред сѐ, на високоризичните места, наместо општи, глобални мерки. Се разбира, кога болеста е широко распространета во заедницата, само таргетирани мерки нема да имаат преголем ефект. Инаку, во право сте, ако и пред пандемијата на ковид-19 сме носеле маски, ќе сме имале многу помали бројки на случаи на грип. Носењето маски и одржувањето дистанца биле основни мерки за превенција и сузбивање на грипот во текот на пандемијата во 1918-1920 година“, вели д-р Даниловски.

    Стапката со сезонскиот грип е намалена насекаде во светот. Во јужната хемисфера, вели тој, на пример во Австралија, воопшто не беше регистриран сезонски бран.

    Голем број светски медиуми пренесуваат дека секаде е намалена бројката на заболени од сезонски грип, и дека тоа се должи на мерките против ковид-19, како и на вакцинацијата.

    Според текстот насловен „Како ковид-19 ја промени сезоната на грип и настинка“ на сајтот „Нејчр“, од почетокот на пандемијата во САД бројката на заболени е падната за 61 отсто во споредба со изминатите години, а пак во Австралија, Чиле и во Јужна Африка вкупно 51 случај биле регистрирани од 83 илјади тестови.

    „Би сакал да апелирам до граѓаните да покажат дека поседуваат високо ниво на свест во текот на претстојните празници. И ако веќе не можат да се воздржат од дружби, тоа да биде со голема претпазливост. Зашто, ако не им е грижа за личното здравје, тогаш барем да покажат грижа за здравјето на постарите и хронично болните членови на своите семејства, бидејќи многу лесно може да им го донесат вирусот дома. На крајот, им ја честитам Новата 2021 година на вашите читатели и пожелувам во неа да го видиме крајот на пандемијата! И онаа следната, 2022, сите да ја дочекаме без какви било ограничувања“, вели д-р Даниловски.

    Министерството за здравство набави бесплатна четиривалентна вакцина од 40.000 дози, наменета за приоритетни групи население. Вакцинацијата против сезонски грип за сезоната 2020/2021 започна на 10 ноември. Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата, заклучно до 13 декември, вакцинирани се вкупно 15.839 лица од ризичните категории население со бесплатни вакцини.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира