Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека се обидел да биде вицкаст и да внесе доза на хумор на судењето за организацијата на нападот во Собранието на 27 април 2017, каде што тој денеска беше сведок предложен од обвинетите. На судењето, Мицкоски одговори „ваљда не сум“ на прашање дали можеби е скаран со некој од обвинетите, но по излегување од судницата појасни дека само сакал да внесе малку ведрина на судењето, а е во пријателски односи со сите обвинети.
„Се обидов да бидам вицкаст и да внесам една доза на хумор во судницата, бидејќи за првпат се појавувам во судница како сведок, а не сум бил во својство на обвинет. Чудна атмосфера, многу сериозна, па се обидов да внесам малку ведрина. Инаку да, тоа се сè мои пријатели и не сум со никого замерен, ниту пак имало зошто да бидам“, изјави Мицкоски по судењето.
За протестите на „За заедничка Македонија“ кои што претходеа на организираниот напад во Собранието, Мицкоски кажа дека народот се самоорганизирал против погрешните политики во најава. Рече дека и тој присуствувал на протестите колку што му дозволувало времето.
Обвинети на ова судење се поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски. Тие се обвинети дека сториле кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Поранешниот премиер Никола Груевски беше осомничен во истрагата, но против него не беше покренато обвинение, бидејќи е недостапен за судот и обвинителството, откако Унгарија му даде азил и го одби барањето за екстрадиција.
Сведок на ова судење на 27 ноември беше и премиерот Зоран Заев, кој кажа дека обвинетите Миле Јанакиески, Спиро Ристовски и Трајко Вељаноски не биле осмислувачи и организатори на нападот во Собранието на 27 април 2017, туку биле изманипулирани од главниот организатор Никола Груевски и не треба да им се суди за така тешко дело.