СЕКОЈ ГРАЃАНИН ЌЕ МОЖЕ ДА ОДГЛЕДУВА 2-3 СТЕБЛА АКО СЕ ЛЕГАЛИЗИРА МАРИХУАНАТА, НЕМА ДА БИДЕ ПРИВИЛЕГИЈА НА БОГАТИТЕ, КАЖА ЗАЕВ ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕ

    СЕКОЈ ГРАЃАНИН ЌЕ МОЖЕ ДА ОДГЛЕДУВА 2-3 СТЕБЛА АКО СЕ ЛЕГАЛИЗИРА МАРИХУАНАТА, НЕМА ДА БИДЕ ПРИВИЛЕГИЈА НА БОГАТИТЕ, КАЖА ЗАЕВ ПРЕД ПРАТЕНИЦИТЕЗаев вели дека легализацијата на марихуаната треба да се направи за да се развијат угостителство и туризмот. (Фото: Собраниски канал/принтскрин)

    Премиерот Зоран Заев кажа дека секој граѓанин ќе може да одгледува 2-3 стебла канабис ако се легализира марихуаната, одговарајќи му на неговиот сопартиец Јован Митрески на седницата за пратенички прашања во Собранието. Сепак, кажа Заев, првин треба сериозна дебата за декриминализација и легализација на марихуаната за да се слушне гласот на народот. Негов личен став е дека тоа треба да се случи час поскоро.

    „Отвораме дебата за декриминализација и легализација на марихуаната. Целта е да го слушнеме народот, дали мисли дека треба да одиме понатака со таа постапка. Јас лично мислам и јавно соопштувам дека декриминализацијата треба да се направи час поскоро, за 0,5 грама за лична употреба не треба да се одговара“, кажа Заев.

    Тој вели дека легализацијата на марихуаната треба да се направи за да се развијат угостителство и туризмот.

    „Легализацијата на марихуаната во државата треба да има конечна цел за развој на угостителството и туризмот на сите наши услужни дејности кои што дефинитивно многу малку партиципираат во севкупниот БДП на државата, односно околу 4%. Една Холандија во БДП, услужните дејности учествуваат повеќе од 60%, во земјите насекаде е 25, 45, 35 отсто и слично, ние немаме море, немаме пристаништа, немаме извори на нафта да го развиваме нашиот економски сектор и ова е добар потенцијал за да може државата буквално да го искористи за развој на економијата за отворање на нови работни места за развој на туризмот“, кажа премиерот.

    Заев рече и дека одгледувањето на канабис нема да биде привилегија само на богатите.

    „Ова нема да биде привилегија само на богатите да инвестираат или слично. Целта е да му се овозможи на секој граѓанин до 2-3 стебла под контрола на агенцијата која што е предвидена во самиот закон, за сопствена потреба да може да ги користи или да ги делегира на компанија да ги одгледува за него како што и сега се бележи секое стебленце со посебен број со посебна контрола или слично“, рече Заев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира