За Велика Британија започна нова ера откако го заврши формалното одвојување од Европската унија. Синоќа на полноќ, Велика Британија престана да ги следи правилата на ЕУ, бидејќи стапија на сила новите правила за патување, трговија, имиграција и безбедносна соработка.
Премиерот Борис Џонсон рече дека Велика Британија има „слобода во наши раце“ и можност да ги прави работите „поинаку и подобро“, сега откако веќе заврши долгиот процес на Брегзит. Но, противниците за напуштање на ЕУ и натаму сметаат дека поради тоа земјата ќе биде во полоша состојба.
Првата министерка на Шкотска Никола Старџен, чија амбиција е да ја врати независната Шкотска во ЕУ, објави на Твитер: „Шкотска ќе се врати наскоро, Европа. Остави го светлото вклучено“.
Во Брисел имаше чувство на олеснување што процесот на Брегзит заврши, „но сè уште постои жалење за самиот Брегзит“. Првите камиони кои пристигнаа на границите влегоа во Велика Британија и ЕУ без одлагање.
Но, групата фериботи и пристаништа „Стена лајн“ објави на Твитер дека шест товарни бродови што патувале од Холихед во Велс до Ирска утринава морале да се вратат, бидејќи немаат точна документација.
Министрите во Велика Британија предупредија дека ќе има нарушувања во наредните денови и недели, додека да слегнат новите правила и британските фирми се прилагодат на промените. Но, официјалните лица инсистираат на тоа дека новите гранични системи се подготвени за старт.