ЌЕ ИМА ПАУЗИ ВО СНАБДУВАЊЕТО АКО БРЗО НЕ СЕ ОДОБРАТ ДРУГИТЕ ВАКЦИНИ, ВЕЛИ ОСНОВАЧОТ НА „БИОНТЕК“

    ЌЕ ИМА ПАУЗИ ВО СНАБДУВАЊЕТО АКО БРЗО НЕ СЕ ОДОБРАТ ДРУГИТЕ ВАКЦИНИ, ВЕЛИ ОСНОВАЧОТ НА „БИОНТЕК“Се очекува на 6 јануари да биде одобрена вакцината на „Модерна“ од Европската агенција за лекови (ЕМА). (Фото: Ројтерс)

    „Бионтек“ работи заедно со партнерот „Фајзер“ за да го зголеми производството на нивната вакцина против ковид-19, соопштија нејзините основачи, предупредувајќи дека ќе има паузи во снабдувањето сè додека не се одобрат другите вакцини.

    Германскиот биотехнолошки стартап ја предводеше трката за создавање вакцина, но нивната вакцина бавно пристигна во Европската унија поради релативно спорото одобрување од здравствениот регулатор на блокот и малата нарачка од Брисел. Одложувањата предизвикаа вознемиреност во Германија, каде што некои региони мораа привремено да ги затворат центрите за вакцинација неколку дена по почетокот на 27 декември.

    „Во моментот не изгледа добро – се појавува дупка бидејќи има недостаток на други одобрени вакцини и ние мора да ја пополниме празнината со нашата вакцина“, рече извршниот директор на „Бионтек“ д-р Угур Сахин, во интервју за неделникот „Шпигел“.

    Се очекува на 6 јануари да биде одобрена вакцината на „Модерна“ од Европската агенција за лекови (ЕМА).

    Германскиот министер за здравство Јенс Спан ја повика ЕМА брзо да ја одобри и вакцината изработена од Универзитетот Оксфорд и „АстраЗенека“ што Велика Британија ја одобри неделава. Временската рамка на ЕУ за таа вакцина останува неизвесна.

    САД нарачаа 600 милиони дози на вакцини „Бионтек“ и „Фајзер“ во јули, додека ЕУ чекаше до ноември да нарача половина од тоа.

    „Во одреден момент стана јасно дека нема да биде можно да се испорача толку брзо. Дотогаш беше веќе доцна за натамошни нарачки“, рече Сахин.

    Сахин рече дека вакцината „Бионтек“ и „Фајзер“, која користи гласник на РНК за да му наложи на човечкиот имунолошки систем да се бори против коронавирусот, треба да може да се справи со новиот сој на вирусот откриен за првпат во Велика Британија и кој е позаразен од претходниот.

    „Тестираме дали нашата вакцина може исто така да ја неутрализира оваа варијанта и наскоро ќе знаеме повеќе“, рече тој.

    Запрашан за справување со силна мутација на вирусот, тој рече дека ако треба можно е да се измени вакцината во рок од шест недели, иако за такви нови третмани може да бидат потребни дополнителни регулаторни одобренија.

    „Бионтек“ се надева дека во февруари ќе отвори нова производна линија во Марбург, Германија што може да произведе 250 милиони дози во првата половина на годината, рече Сахин. Во тек се разговори со производителите за зголемување на производството и до крајот на јануари ќе се знае повеќе за тоа, додаде тој.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира