Светот со голем интерес го очекува почетокот на вакцинирањето против ковид-19 во Индонезија, каде што предност ќе има возрасно работоспособно население место старите лица, во обид брзо да се постигне имунитет на стадо и да се оживее економијата.
Земјите кои веќе почнаа со масовната имунизација, вклучувајќи ги САД и Велика Британија, предност им дадоа на старите лица кои се поранливи на коронавирусот. Индонезија ќе има поинаков пристап, па веднаш по здравствените работници и јавните службеници, вакцина ќе добијат возрасни работоспособни жители.
Индонезија ја одобри употребата само на вакцината на кинеската компанија „Синовак“, за која засега нема доволно податоци како делува врз старите лица, бидејќи во клиничките тестирања учествувале луѓе на возраст од 18 до 59 години.
„Ние не се придружуваме на трендот. Владата ќе ги почека препораките од државните регулатори пред да почне со вакцинирањето на стари лица“, изјавија од министерството за здравство.
Индонезија ќе добие 125,5 милиони дози од вакцината на „Синовак“ и притоа прво ќе се вакцинираат социјално и економски активни групи. Според министерот за здравство Буди Гунади Садикин, за да се постигне имунитет на стадо, ќе треба да се вакцинираат 181,5 милиони, односно 67% жители.