Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција прашан зошто нови пошироки простории дал на првиот вицепремиер Артан Груби и неговото Министерство за политички систем, а не на Антикорупциската комисија, за која први беа ветени, кажа дека компјутери, лаптопи, нова програма и софтвер може да се инсталираат засега и во сегашните простории на Комисијата. Но, дека Владата продолжува да бара нови простории за ДКСК, како и за уште десетина други институции.
Заев кажа дека тоа што е најважно за Антикорупциската комисија за да работи, а тоа е модернизација и нова информатичка опрема, е обезбедено.
„На владина седница ја повикавме претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска. На постоечките 11 милиони денари, таа побара дополнителни 38 милиони за доопремување и за модернизација и Владата ѝ излезе во пресрет. Средствата за нови лаптопи, програма и софтвер се обезбедени. Тие се мобилни, не се статични и може да се преселат, преинсталираат“, кажа Заев за забелешките зoшто нивните нови простории отидоа кај Груби.
Заев го пофали Груби за домаќинско работење.
„Остануваме подеднакво да им служиме на сите институции, независно дали се владини, правосудни, од локалната самоуправа или регулаторни тела и комисии. Разликата е во тоа што првиот потпретседател на Владата Груби и многу други министри направија откажувања од трошоците, па вративме кредит на ПУИГ“, кажа Заев.
Во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК како Груби ја обезбедил зградата со штедење, тој рече:
„Не штедев само јас, туку јас ја координирав работата. Од сите министерства што имаа останато пари од ребалансот на Буџетот, за да не ‘изгорат’ тие средства, со одлука на Парламентот за нивна пренамена, ги дадовме тие пари на Јавното претпријатие за станбен и деловен простор за да го врати кредитот за зградата со кој ја градело“.
Заев искажа жалење што вакво решавање на просторни услови може да се изведе само со министерствата, а не и со Антикорупциската комисија, со судовите и со други институции кои не се под Владата.
С. К. ДЕЛЕВСКА