Шведскиот филмски фестивал во Гетеборг воведува сосема ново ниво на социјално дистанцирање со организирање проекции на филмови на изолиран остров. Филмофилите ќе имаат можност да ги проследат премиерите на филмовите за време на седумдневниот престој на изолиран остров.
Поради пандемијата на ковид-19 и рестриктивните мерки, голем број од филмските фестивали се одржаа со онлајн проекции, но организаторите на Шведскиот филмски фестивал решија да им понудаат на љубителите на филмови едно сосема ново, поинакво и уникатно искуство, насловено „Изолирано кино“. Аплицирањето е онлајн, а краен рок е 17 јануари.
„Одбраните“ гости ќе бидат пренесени со брод до шведскиот остров Патер Ностер, за којшто уметничкиот директор на филмскиот фестивал во Гетеборг Џонас Холмберг смета дека е „едно од најубавите и најдраматичните места во светот“.
Откако ќе пристигнат на островот, почнувајќи од 30 јануари до 6 февруари ќе бидат сместени во куќата на поранешниот чувар на светилници и ќе уживаат во проекциите. Нема да биде дозволено користење на мобилен телефон, лаптоп, книга или каков било кој друг уред што би им го одвлекло вниманието.
Уметничкиот директор за „Си-Ен-Ен“ изјави дека инспирација за оваа идеја е сѐ поголемата заинтересираност на луѓето за филмската индустрија за време на пандемијата и начинот на којшто гледале утеха и прибегнување од реалноста во филмовите.
„Ние сме заинтересирани за тоа како односот на публиката кон филмовите се менува под одредени околности и сакаме да ја истражиме оваа врска со тоа што ќе ја однесеме во крајност – изолирајќи една личност на мала карпа во морето за една недела со избрани филмови“, вели Холмберг.
Храната ќе им биде безбедена и гостите нема да платат ништо за ова искуство.
„Престојот на островот ќе биде совршено безбеден. Секое лице ќе има обезбедено мек кревет. Ова не е борба за преживување“, вели Холмберг.
Тој напоменува дека поради безбедносни причини, посетителите нема да бидат целосно сами, туку ќе има уште една личност што ќе престојува на островот, но притоа ќе ја одржуваат дистанцата.
„Ако сè оди според планираното, тие воопшто и нема да се сретнат во текот на тие седум дена“, вели Холмберг.
Фестивалот прифаќа апликации од целиот свет, но ќе се земат во предвид ковид протоколите и регулативите за патување.
„Секако дека мора да се осигураме оти е безбедно и можно лицето да допатува на островот. Правилата се менуваат цело време и ние ќе се прилагодуваме на прописите што важат во моментот кога ќе започне фестивалот“, додава тој.