Со 95 гласа „за“, Собранието денеска го избра новиот состав на Државната изборна комисија, чиј претседател ќе биде Александар Даштевски, предложен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Даштевски беше член на ДИК пред 15-тина години, а неговата последна фунцкија беше претседател на Комисијата за заштита од дискриминација и од таа позиција му обезбеди на бегалецот Никола Груевски азил во Унгарија. Со потписот на Даштевски дека Груевски е жртва на политички прогон, унгарските власти имаа штоф да го заштитат Груевски и да му дадат азил во нивната држава, по мистериозното бегство од дома.
Тој доаѓа на местото на досегашниот претседател Оливер Дерковски, додека потпретседателка на ДИК останува Дитмире Шеху, предлог на ДУИ.
За член на ДИК на предлог на ВМРО-ДПМНЕ е избран уште Бобан Стојаноски. Членови на ДИК на предлог на СДСМ се досегашните членови Борис Кондарко и Радица Ристовска, а ново име поранешниот заменик-министер за правда Оливер Ристовски. За член на ДИК на предлог на АА е избран Кренар Лога.
Мандатот на актуелниот состав на ДИК истекува в петок, на 15 јануари.