ГИ ПОЧИТУВАВМЕ ПРОТОКОЛИТЕ, ТВРДАТ ОД СКИ-ЦЕНТАРОТ „НИЖЕ ПОЛЕ“, КАДЕ ВИКЕНДОВ БЕШЕ ПРЕПОЛНО ЗА БЕСПЛАТНО СКИЈАЊЕ

    ГИ ПОЧИТУВАВМЕ ПРОТОКОЛИТЕ, ТВРДАТ ОД СКИ-ЦЕНТАРОТ „НИЖЕ ПОЛЕ“, КАДЕ ВИКЕНДОВ БЕШЕ ПРЕПОЛНО ЗА БЕСПЛАТНО СКИЈАЊЕВчера на Пелситер имаше над 3.000 скијачи и други посетители. (Фото: Ски-центар Ниже Поле)

    Големата посетеност викендов на Ски-центарот „Ниже Поле“ на Пелистер предизвика реакции во јавноста за безбедноста и почитувањето на кивид-мерките. Вчера снегот и сончевото време привлекоа над 3.000 скијачи и други посетители. На дел од фотографиите снимени на местото се гледаше голема гужва, а дел од гостите беа без маски.

    „Носевме маски до чајџилницата да порачаме топол чај. Инаку за време на санкање и скијање си носевме шалови и друга зимска опрема. Но, имаше голема навалица, семејства, пријатели, тинејџери. И на местата каде што одмараа се создаде гужва. Редари имаше и опоменуваа, но некои потоа си продолжуваа по свое“, вели Методија Николовски, скијач од Битола.

    Од Јавното претпријатие „Стрежево“ кое стопанисува со ски-центарот за дигиталната редакција на САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека работат по протоколите за заштита од ковид-19, а апелираат и до посетителите да ги почитуваат мерките и лицата поставени за обезбедување на редот. Велат дека за почитување на мерките, за нормално функционирање на ски-центарот и чајџилницата вовеле зголемен број редари кои се движеле и низ посетителите и каде ќе виделе дека има групирање повеќе од четворица ги предупредувале.

    „Како одговорна институција ги превзедовме следните мерки: редарите воведуваа ред околу почетните станици на ски-лифтовите каде се држеше дистанца на скијачите на околу 1,5 до 2м и задолжителното носење на маска но и на просторот околу пропратните објекти. Редарите пред чајџилницата исто така одржуваа ред и дистанца на посетителите кога набавуваа продукти. Чајџилницата ја приспособивме да работи преку два шалтери на доволно растојание еден од друг. Пред секој шалтер, пред почетна станица од ски лифтовите, пред билетарницата но и на посебни пунктови имавме ставено дезинфекционо средство“, велат од ЈП „Стрежево“.

    Додаваат дека секој ден пред почнувањето на работа на ски-центарот се врши дезинфекција на сите објекти и дека здравјето на граѓаните им е приоритет пред сѐ.

    Протоколите за работа на ски-центрите предвидуваат дистанца и маски пред качување на ски-лифтови, жичници, маски да се носат при возење на нив и задолжително присуство на редари кои ќе се грижат за одржување редот пред качување на жичарницата и ски-лифтовите. Сепак, и посетителите требаше да бидат повнимателни зашто уште важи мерката за забрането групирање на повеќе од четворица. Викендов на Пелистер скијањето беше гратис, односно употребата на ски-лифтовите не се наплаќаше, а во саботата ни возењето со жичница на Копанки.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира