Доналд Трамп кажа дека го направил она за што дошол на функцијата и многу повеќе во својот проштален говор што го објави Белата куќа. Неговиот турбулентен претседателски мандат завршува утре, а проштална церемонија ќе се одржи во воена воздушна база во Мериленд, по што ќе замине за Флорида.
„Се борев во тешки битки, во најтешките борби, ги донесов најтешките одлуки зашто тоа е она за што сте ме избрале. Најголемата опасност со која сега се соочува нашата земја е губењето доверба во нашата национална величина“, кажа Трамп.
Осврнувајќи се на најголемите успеси на неговата администрација, тој истакна дека се спротивставиле на Кина како никој досега и постигнале историски мировни договори на Блиски Исток.
„Особено сум горд што сум првиот претседател во последните неколку децении кој не почнал ниедна војна“, кажа тој.
Трамп призна дека во Белата куќа влегува нова администрација, но додаде дека движењето што го покренале е само почеток. Му посака среќа на Бајден без да го каже неговото име.
Тој нема да присуствува на утрешната инаугурација на Џо Бајден во Вашингтон, за разлика од актуелниот потпретседател Мајк Пенс, кој пак поради тоа нема да се појави на простувањето на Трамп во Мериленд.