Од сите докази што ги поседуваме, можеме да потврдиме дека Коста Крпач се самоубил, но сега истражуваме што го натерало да посегне по својот живот, брифираат од Основното јавно обвинителство.
Како што велат од ОЈО, биле испитани 19 лица, од кои 10 службеници од МВР кои биле на местото на истрагата на денот на самоубиството. Од ОЈО го обвинуваат Специјалното јавно обвинителство дека сè уште не им го доставило записникот со исказите на Крпач дека одредени лица му се заканувале.
„СЈО самото извести дека Коста Крпач трпел закани. Ако сето тоа е вистина, тоа обвинителство морало да направи записник. Сè што бараме е тој записник да ни го достават за да можеме да го склопиме мозаикот“, тврдат од Обвинителството.
Како што брифираат оттаму, откако на 6 април годинава бил извршен претрес во домот на Крпач, следниот ден тој се пријавил како сведок во СЈО. Од тој ден на Крпач му се сменило расположението, а за тоа потврдуваат и повеќемина сведоци кои ги испитувал надлежниот обвинител.
Крпач беше најден застрелан во својот стан во Скопје на 27 април годинава. Тој беше управител на фирмата „Финзи“ што беше спомената вчера на прес-конференцијата на СЈО за случајот „Трезор“ како компанија преку која одела набавката на електронска и комуникациска опрема од Велика Британија за што СЈО сомничи четворица вработени во УБК и МВР дека незаконски го оштетиле буџетот на Македонија.
Од ОЈО велат дека се обиделе, но не можеле да го вештачат мобилниот на Крпач, затоа што телефонот „Сони“ имал лозинка што ниту стручните лица не можеле да ја пробијат.
„Крпач пукал и надвор од станот, но засега е непознато кон кого и поради што. Затоа уште еднаш бараме од СЈО да ни го достави записникот за да можеме да го комплетираме случајот“, велат од Основното јавно обвинителство.