Министерката за образование и наука Мила Царовска вели дека државната матура ќе се спроведе, дека матурантите имаат право да го изразат незадоволството, но бојкотот е неоправдан. Со поддршка на Сојузот на средношколци, денес матурани во неколку училишта не се вклучија во онлајн наставата.
Филип Трајковски, матурант и претседател на ученичкиот парламент во гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово, вели дека од утре ќе им се придружат и матурантите од економското училиште „Перо Наков“, а во контакт се и со другите училишта од кои очекуваат поддршка.
„Бараме да се скратат предметите за полагање од четири на два. Да се полага мајчин јазик и уште еден предмет којшто ќе ни треба за упис на факултет. Немаме ние ништо против професорите, единствено гледаме дека образовниот систем пропаѓа и затоа бараме промени. Бојкотот ќе остане и во наредните денови се додека не оствариме средба со министерката“, вели Трајковски.
„Над 14 илјади ученици пријавија испити, матурата ќе се спроведе. Тоа е нивно право да го изразат незадоволството, но е важно да се знае дека мнозинството од учениците ја следат наставата. Една скопска гимназија има поорганизирано дејствување, додека во останатите гимназии и средни училишта, станува збор за изолирани мали групи“, изјави Царовска.
Министерката вели дека матурата ќе се спроведе за што веќе се прават подготовките, а учениците најуредно ги имаат пријавено матурските испити.
„Повеќе од 14.000 матуранти ја пријавиле матурата, што всушност е бројката на матуранти отприлика коишто ги имаме годинава во земјата. Концептот за полагање на матурата е утврден уште на почетокот на учебната година и тој се спроведува во моментот. Секое поместување ќе ни направи проблем со запишување на учениците во високо образование дома и надвор во земјата. За наредната година 2022 кога ќе полагаат, тогаш нема да има проблем, ќе имаат нова концепција и договоривме да формираме работна група, којашто ќе стартува од понеделник заедно со матурскиот одбор и Државниот испитен центар. Тие се задолжени за таа концепција“, рече министерката по денешната средба со наставниците во Клубот на пратеници.
Б. НЕСТОРОСКА