Безбедносниот појас во три точки на врзување што се користи во денешните автомобили е измислен во 1959 од шведскиот иноватор Нилс Болин за компанијата „Волво“, но тој станал стандардна опрема на предните и задните седишта во неговите возила дури осум години подоцна. Првиот модел во кој бил вграден е „ПВ544“.
„Волво“ ги собира податоците за сите сообраќајни несреќи во кои учествува „ПВ544“, според кои смртноста и повредите кај возачот и патниците се за 50-60% помали доколку тие користат појас. Компанијата го направи патентот за безбедносен појас во три точки на врзување отворен за сите производители.
Според анализите на Американската агенција за безбедност на патиштата, носењето појас го намалува ризикот од смрт кај возачот и сопатникот за 20 до 55%, а од сериозни повреди за 25 до 60%.
Податоците на американскиот Центар за контрола и превенција на болести покажуваат дека повеќе од половина (51-60 %) од младите на возраст меѓу 13 и 19 години кои загинале во сообраќајна несреќа не носеле појас. Во Србија, Грција, Хрватска, Бугарија, Албанија, Црна Гора, Словенија, Австрија, Германија, Италија и Шпанија сите вградени безбедносни појаси се задолжителни, а за деца до три години е неопходно детско седиште.
Во соседните земји, возење без појас ќе ве чини од четири до 12 евра во Албанија, во Србија 40 евра, 35 евра во Косово, 25 евра во Бугарија и 350 евра во Грција. Казната за возење без појас во Хрватска изнесува 130 евра, 120 евра во Словенија, од 40 до 100 евра во Црна Гора, а во БиХ меѓу 50 и 150 евра.
Во Европска Унија казните се движат од 30 евра во Германија до 326 евра во Италија.