На предлог на Основното јавно обвинителство Прилеп, 46-годишен тренер по џудо доби притвор од 30 дена, осомничен дека сторил неколку продолжени кривични дела „обљуба со злоупотреба на положбата“.
Истрагата досега откри дека се злоставувани три девојчиња од 14 години, пред кои тој блудничел, им се втурнувал да ги бакнува и да врши друго сексуално-насилно однесување, искористувајќи ја положбата како нивни тренер.
На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК во Обвинителството дали тренерот ги силувал децата, ни беше кажано дека досега, во разговор со девојчињата и родителите, откриле вкупно три ученички кои не биле силувани, туку станува збор за други полови дејствија. Сите се од Прилеп.
Случајот пред викендот го пријавиле во полиција родителите на едно од злоставените девојчиња, а потоа истрагата открила уште две жртви на тренерот.
Истражните дејствија продолжуваат, во насока да се открие дали можеби има уште обљубени девојчиња кои се плашат или се срамат да раскажат што им правел тренерот по џудо.
И покрај тоа што не ги силувал, туку ги допирал и блудничел пред децата, тренерот се соочува со затворска казна од најмалку 10 години, зашто според нашите закони, се работи за малолетници со наполнети 14 години. И тука Кривичниот законик е многу строг, предвидува за вакви случаи многу високи казни.
„Осомничениот како тренер по џудо, од април до ноември 2020 година, во Прилеп и на други места, заради задоволување на полови страсти, со злоупотреба на својата положба извршил полови дејствија врз деца кои наполниле 14 години – ученички кои му биле доверени заради тренирање и воспитување. Против осомничениот надлежниот јавен обвинител поднесе предлог за определување на мерка притвор до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Прилеп. Судот го прифати предлогот и со Решение на осомничениот му определи притвор во траење до 30 дена“, прецизира Прилепското обвинителство.
С. К. ДЕЛЕВСКА