Снежното невреме кое деновиве владееше на Шар Планина предизвика вистинска драма за семејство од Скопје кое останало завеано во нивната викендичка на Попова Шапка. Изобилството на снег, а посебно силниот ветар кој дувал, создал големи навеви од снег со што бил завеан дел од патот во викенд населбата. Поради тоа 35 годишниот Б.А. од Скопје, заедно со сопругата и две малолетни деца, едното на 4 и пол а другото на 3 годишна возраст, останале отсечени во нивната викендичка. Состојбата станала алармантна кога вчера, поради дефект на електричната мрежа, населбата повеќе часови останала без струја, а на семејството им снемало и дрва за греење и храна. Од големиот навев не можеле да дојдат до своето возило па поради тоа биле приморани да побараат помош од полицијата за да бидат извлечени.
„Вчера во 12 часот и 40 минути, Б.А.(35) од Скопје во СВР Тетово пријавил дека поради големи снежни навеви, бил отсечен пристапот до неговата викендичка на Попова Шапка, во која се наоѓале и сопругата и двете малолетни деца и дека поради тоа, тие не се во можност да излезат надвор и да заминат кон Скопје. Веднаш по пријавата, полициски службеници од Полициското одделение Попова Шапка се упатиле кон викендичката за да ги евакуираат лицата, а во меѓувреме во координација со локалната самоуправа е ангажирана и потребната механизација за пробивање на пат, по што лицата со возило на Секторот за внатрешни работи Тетово се пренесени до нивниот дом во Скопје“, соопштува портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.
Семејството повеќе од 20 години ја имале викендичката на Попов Шапка.
З.АНДОНОВ