Поранешната претседателка на Врховниот суд Лидија Неделкова вчера поднела до Скопското обвинителство кривична пријава против претседателот на Судскиот совет Киро Здравев и против уште два члена, Весна Дамева и Гордана Спиреска, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК Скопското обвинителство.
„Пријавата е против три члена на Судскиот совет. Откако ќе се проверат во Судскиот совет наводите во пријавата, Обвинителството ќе одлучи за поднесената пријава“, ни рекоа оттаму.
Врховната судијка Лидија Неделкова во пријавата тврди дека искористувајќи ја службената положба и овластувањата, тројцата потешко ги повредиле нејзините права, со тоа што во периодот од септември 2020 до јануари 2021 го разгледале предлогот на комисијата кој бил за запирање на постапката за нејзино разрешување и спротивно на Законот за Судски совет, влијаеле кај другите членови да изгласаат враќање и доработка на предметот.
Место со 7 гласа од членовите на Советот, Неделкова во пријавата тврди дека тие со шест гласа го вратиле нејзиниот предмет на доработка и тука прекршиле членови од стариот и од новиот Закон за Судски совет. Комисијата, освежена со Спиреска, која дошла на местото на Зоран Караџовски, кому во меѓувреме му истекол мандатот во Советот, ја преиначила одлуката. Донела предлог за нејзино разрешување, а при иста фактичка состојба и со несменети околности.
Неделкова на 1.04.2019 година ја пријавил поранешниот нејзин колега и експретседател на Врховниот суд Јово Вангеловски, кој сега е разрешен од судиската функција, дека заминала на неколкудневен одмор без тој да ѝ одобри и оти предметите кои ѝ се паднале да ги работи не ги зела веднаш, туку по извесен број денови.
„Судиите треба да се почитуваат како високопрофилирани професионалци со изграден авторитет и углед преку своето долгогодишно и успешно работење, а не да бидат изложувани на прогон од лични или политички причини. Ако ова мене ми се случува, судија избран во 1996 година и со докажани резултати и како судија и на највисоките судски позиции, на кои го повратив угледот на судиите, дали тоа значи дека им се праќа порака на другите судии што ги чека?“, прашува Неделкова.
Таа не приложува докази во пријавата. Од Обвинителството бара да поведе постапка за злоупотреба на службената положба и овластувањата против тројцата пријавени, да ги прибави записниците од спорната седница за неа, да ги сослуша нив и неа како оштетена.
Неделкова побарала и изземање на овие три члена на Судскиот совет во понатамошната постапка за нејзиниот предлог за разрешување.
Претседателот на Судскиот совет Киро Здравев не знае за поднесените пријави од судијката Неделкова, но вели дека оваа институција ќе продолжи да ги контролира судиите како работат и како работеле.
„Не сме известени за поднесени кривични пријави против претседателот и двајцата членови на Судскиот совет на РСМ. За евентуална кривична пријава дознавме од средствата за јавно информирање. Судскиот совет и понатаму продолжува со следењето на работата на судовите, на судиите и на претседателите на судовите, во насока на враќање на довербата на граѓаните во судството како приоритетна стратешка цел на овој Судски совет“, ни изјави Здравев.
С. К. ДЕЛЕВСКА