БРИТАНСКИОТ СОЈ НА КОВИД-19 ЌЕ ДОМИНИРА, ДА БИДЕМЕ УШТЕ ПОПРЕТПАЗЛИВИ, ВЕЛИ Д-Р КУНГУЛОВСКИ

    БРИТАНСКИОТ СОЈ НА КОВИД-19 ЌЕ ДОМИНИРА, ДА БИДЕМЕ УШТЕ ПОПРЕТПАЗЛИВИ, ВЕЛИ Д-Р КУНГУЛОВСКИТреба да се биде уште повнимателен во заштитата против ковид-19. (Фото: К. Попов)

    Доктор Горан Кунгуловски од Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина во приватната клиника „Жан Митрев“ вели дека новата мутација на ковид-19 од британски сој ќе стане доминантна во скоро време. Мутација на британскиот сој на ковид-19 беше детектирана вчера кај оздравен 46-годишен маж од ковид-19, при анализа на податоци во лабораторијата. Во базата на податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) пациентот од 22 јануари 2021 се води како оздравен и според Министерството за здравство сега е во добра состојба.

    Новиот сој на коронавирусот прво се забележа во Велика Британија и се покажа дека побрзо се шири, и досега е регистриран во 70 земји, според Светската здравствена организација (СЗО).

    „Британскиот сој на коронавирусот ќе стане доминантен со оглед на тоа дека полесно се пренесува. Според податоците се пренесува за 70 отсто побрзо. Така на пример ако би требало да се заразат 10 луѓе, ќе се заразат 17”, рече денес Кунгуловски.

    Со оглед на тоа дека вирусот со секоја делба акумулира нови мутации, Кунгуловски предупредува за претпазливост и придржување до мерките, и потенцираше дека медицинскиот персонал во целата земја треба да биде многу претпазлив поради мутацијата.

    „Знаеме дека во самиот вирус се акумулирани мутации. Тоа им е работа на вирусите, постојано да мутираат. Новиот вид детектиран ќе стане доминантен и во Македонија, но и другите земји. Досега се детектирани илјадници мутации во коронавирусот. Има индикатори дека и смртноста е зголемена за 30 отсто. Треба да бидеме во една постојана фаза на претпазливост. Што се однесува до пациентот, тој бил со средна клиничка слика. Сега тој е оздравен и се чувствува добро“, рече денеска Кунгуловски на прес-конференција пред Клиниката.

    Според информациите од ИЈЗ, пациентот првпат на 29 декември 2020, поради покачена температура и отежнато дишење, прави брз ковид тест. Тестот е со позитивен резултат. На 4 јануари 2021 се јавува на преглед во приватната болница „Жан Митрев“ каде му е направен ПЦР тест кој е позитивен, а пациентот е веднаш хоспитализиран во болницата. На 15 јануари во болницата му е направен уште еден тест кој повторно е позитивен.

    Во епидемиолошката анкета пациентот нема пријавено контакти ниту пак навел дека патувал надвор од државата.

    К. СЕЛАМОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира