Полицијата, која подолго време била во групата Јавна соба на апликацијата Телеграм, чии членови крадат и злоупотребуваат фотографии од приватни фејсбук и инстаграм профили, утринава уапсила две такви лица од групата.
Информацијата за апсењето ја постираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на Фејсбук. Се бараат и други лица кои ги лоцирал секторот за компјутерски криминал во МВР.
„Две лица, едно во Битола и едно во Велес се приведени во врска со случајот Јавна соба, а се преземаат мерки и активности и кон други лица. Работиме во координација со Јавното обвинителство со цел целосно расчистување на случајот и соодветно санкционирање на сторителите“, напиша Спасовски.
Овие злоупотреби и малтретирање на девојки од страна на членови на групата Јавна соба траат подолго време, но вчера 28-годишната Ана, жртва на групата, по чија украдена фотографија беше напишан нејзиниот телефонски број и сексистички навреди, ја алармираше јавноста повикувајќи ги органите на прогонот да ги откријат сторителите и да ја растурат оваа воајерска група од дури 5.000 членови.
С. К. ДЕЛЕВСКА