ПОЛИЦИЈАТА Е НА ТРАГА НА ДЕЛ ОД ЧЛЕНОВИТЕ НА ГРУПАТА „ЈАВНА СОБА“ НА ТЕЛЕГРАМ

    ПОЛИЦИЈАТА Е НА ТРАГА НА ДЕЛ ОД ЧЛЕНОВИТЕ НА ГРУПАТА „ЈАВНА СОБА“ НА ТЕЛЕГРАММолкот на институциите очигледно дополнително го охрабрува функционирањето и одржувањето на вакви групи во дигиталниот простор, а девојките и понатаму се соочуваат со опасност по личната безбедност и нарушено достоинство и здравје. (Фото: СДК.МК/илустрација)

    Полицијата од секторот за компјутерски криминал длабоко е влезена во групата на апликацијата Телеграм и одамна веќе ја фатила трагата на дел од вулгарните вознемирувачи, демначи на профили на девојки и жени на социјалните мрежи, на такви што споделуваат и реплицираат туѓи фотографии, под кои објавуваат лични податоци за жртвата и контакт со неа, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК .

    Бидејќи апликацијата Телеграм има став да не соработува со владите, полицијата како што дознаваме, користи свои методи за да влезе во мрежата, а податоците до кои доаѓала, ги проверувала кај мобилните оператори, но станува збор за долг и комплициран процес, велат нашите извори.

    Обвинителството зависи од овие истражители во МВР, чека резултат веќе една година, за да може да ја продолжи истрагата по пријавата на две жртви на групата „Јавна соба“ на Телеграм.

    Денеска јавноста го слушна сведоштвото на Ана, девојка-жртва на групата „Јавна соба“, која е малтретирана со безброј повици откако нејзина фотографија била земена од Инстаграм профилот и објавена во групата. Објавувачот под сликата напишал сексистички навреди за девојката. Го напишал и нејзиниот телефонски број.

    Ана во видео на Инстаграм раскажа низ што поминува откако без да знае била објавена во групата која брои околу 5.000 воајери и сексуални вознемирувачи.

    Оние што ќе бидат фатени, ќе одговараат за повеќе кривични дела, бидејќи се работи за тешка повреда на приватноста, чувствата, човековите слободи. Потоа во граѓанска постапка на жртвите им следува висока парична отштета од евентуално осудените вакви лица.

    Ана им се обраќа на сите девојки чии слики се украдени и злоупотребени во групата „Јавна соба“ да излезат јавно да проговорат за тоа што им се случува, да не молчат, да не го потискаат тоа во себе и да продолжат да го живеат животот со високо крената глава.

    МВР повикува сите вакви случаи да се пријавуваат.

    Платформата за родова еднаквост изрази разочарување, како што велат, од игнорантниот однос на надлежните институции во врска со случајот „Јавна соба“.

    „Бараме од Јавното обвинителство неодложно и темелно да го расчисти случајот ‘Јавна соба’, кој претставува кривично дело во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство. Точно една година по појавата на оваа група на мрежата Телеграм, која се користи за сексуално вознемирување на девојки преку објави на нивни фотографии без никаква согласност, во порнографски контекст, како и лични податоци за жртвите, сведочиме и на нови случаи на ваква злоупотреба. На прашање на Хелсиншкиот комитет, МВР одговори дека постапиле по предметот ‘Јавна соба’ во рамки на својата надлежност и го доставиле до Јавното обвинителство. Година дена подоцна, ваквите групи на телеграм сѐ уште се активни во објавување на фотографии, лични имиња и адреси“, реагира оваа невладина организација.

    Платформа смета дека е скандалозен и недозволив односот на Јавното обвинителство, од кое се очекува да го процесуира случајот во насока на докажување на вина и санкционирање на креаторите и учесниците во еден ваков сериозен облик на сексуално вознемирување на девојки, од кои голем дел се и малолетни.

    „Потсетуваме дека оној кој ќе објави приватни видеа на интернет со порнографска содржина, може да одговара за кривичното дело ‘Злоупотреба на лични податоци’ член 149 од Кривичниот законик, за кој е предвидена парична казна или казна затвор до една година. Доколку на видеата има прикажано малолетник, сторителот кој ја произвел детската порнографија со цел нејзина диструбуција, или ја пренел или ја нудел преку компјутерски систем ќе одговара за „Производство и дистрибуција на детска порнографијa” член 193-а став 3 од Кривичниот законик за кој е предвидена казна затвор од најмалку осум години. Ние како претставници на граѓанскиот сектор ќе инсистираме сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик“, велат од Платформа за родова еднаквост.

    Досегашниот молк на институциите дополнително го охрабрува функционирањето и одржувањето на вакви групи во дигиталниот простор, а девојките и понатаму се соочуваат со опасност по личната безбедност и нарушено достоинство и здравје.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира