НА ПОЛА ОД ПРОСТОРОТ ОКОЛУ ЕЗЕРОТО ТРЕСКА ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ГРАДИ, ЗАШТИТЕНА ЗОНА Е ПЛАЖАТА ШИРОКА 30 МЕТРИ

    НА ПОЛА ОД ПРОСТОРОТ ОКОЛУ ЕЗЕРОТО ТРЕСКА ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ГРАДИ, ЗАШТИТЕНА ЗОНА Е ПЛАЖАТА ШИРОКА 30 МЕТРИПросторот околу езерото е со површина од 32 хектари, а половина од тоа или 115.116 метри квадратни се наменети за градба. (Фото: Ѓ. Личовски)

    На половина од комплексот околу Езерото Треска или на површина од 115.116 метри квадратни ќе може да се градат објекти. Ова го покажува Деталниот урбанистички план (ДУП) кој вчера го покажа градоначалникот на Општина Сарај Блерим Беџети.

    Како што беше објаснето на презентацијата, сегашниот Спортско-рекреативен центар Треска е блок 1 од целиот план. Езерото со површина од 13,18 хектари со планот ја задржува намената како јавен простор за капење и за него не е формирана градежна парцела. Околу езерото планирана е заштитна зона со ширина од 30 метри која воедно претставува плажа со површина од 5,39 хектари. Во оваа зона се дозволени дејности и активности кои нема да предизвикаат негативно влијание врз квалитетот на водата. Дозволено е поставување лежалки и чадори, гардероби, реквизити за рекреација, отворени базени, тобогани за мали деца, отворени шанкови и слично. На делот од плажата кој граничи со водната површина како завршна обработка треба да се користат природни матријали, дрво или камен кои нема штетно да влијаат на водата. Околу езерото треба да има и пешачка патека.

    На 50 отсто од останатата површина на Езерото Треска која сега во најголем дел е зеленило, но се наоѓаат и објектите кои на времето биле кафулиња, како и просторот каде се  камп-приколките, ќе може да се градат објекти со максимална висина од 15 метри или на три ката и поткровје.

    Деталниот урбанистички план за Езеро Треска. (Фото: СДК.МК)

    „Другата површина од 31.02 хектари од блок 1 што е во рамките на постојниот Спортско-рекреативен центар Езеро Треска е планирана со намена Д3-спорт и рекреација и предвидени се спортски терени на отворено, базени, тобогани, аквапарк, амфитеатар, ботанички градини и зелени површини. Во оваа наменска зона е формирана градежна парцела во која е дозволен процент на изграденост до 50 отсто, односно максимална површина за градење од 155.116 метри квадратни. Планирана е максимална височина на градби од 4,5 до 15,5 метри. Максималната катност од приземје, три ката плус поткровје е планирана за хотелскиот комплекс со 5 ѕвезди, во кој се планирани како придружни содржини расторани, спа и фитнес-центар, центар за алтернативна медицина, отворени и затворени базени. Покрај главната хотелска зграда планирани се и дрвени бунгалови. Сите градби треба да бидат со фасадно обликување од природни  и еколошки материјали, дрво и камен“, стои во објаснувањето на планот од урбанистите во Општина Сарај.

    Градоначалникот Беџети вели дека со новиот Детален план и прогласување на овој дел во слободна туристичка зона, ќе се заштити езерото и тоа повторно ќе биде вратено во функција.

    „Владата ќе го продава земјиштето, ние како Општина само им создаваме услови за тоа со изработка на планот. Инвеститорот во езерото ќе треба да го врати во функција со изградба на пречистителна станица. Идејата е ова да прерасне во туристичка атракција, да биде посетено од домашни и странски гости. Се проценува дека инвестицијата би била околу 200 милиони евра“, вели Беџети.

    Со планот во три блокови се уредува и просторот околу комплексот кој сега е неуреден или е земјоделско земјиште кое Владата го пренамени во градежно. Втората зона се наоѓа од десната страна на реката Треска  и се предвидуваат маркички за викенд куќи со приземје, два ката и поткровје, а површината на овој дел е 12 хектари. Третата зона со површина од 10 хектари е од левата страна на реката кај влезот на езерото со површина од околу 10 хектари, и таму ќе се градат хотелски комплекси со два ката и поткровје, а во четвртата зона која е најмала со површина од 2,4 хектари се предвидена маркичка за трговски центар и пазар на отворено на кој ќе се презентира културата и традицијата на локалното население.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира