По улици, тротоари и паркови екипите на скопска „Комунална хигиена“ секојдневно собираат употребени маски и ракавици. Од претпријатието велат дека изминативе неколку месеци се соочуваат со големо количество отпад од заштитни маски и ракавици што се исфрлаат на јавните површини или пак несоодветно спакуван се одлага во садовите наменети за комунален отпад.
“’Комунална хигиена – Скопје го третира отпадот од заштитна опрема како комунален отпад и граѓаните слободно смеат да го одлагаат во садовите поставени на јавни површини, без разлика дали станува збор за надземни и подземни контејнери, канти или корпи за отпадоци. Но, до жителите на градот Скопје апелираме употребените заштитни маски да ги одлагаат правилно и совесно и тие да бидат соодветно спакувани, со цел да се заштити здравјето на вработените во претпријатието коишто секојдневно доаѓаат во контакт со овој потенцијално контаминиран отпад и воедно да се намали ризикот од ширење на вирусот ковид-19“, вели директорот на Комунална хигиена Абдусамед Шабани.
А. АНТЕВСКА