Над 260 културни уметници, невладини организации и други работници во културата денеска до медиумите испратија Иницијатива насловена „Фис-култура или култура“, преку која бараат од Министерството за култура да се престане со поставување на партиски кадри на раководни места во институциите. Идејата за Иницијативата е на актерите од Струмичкиот театар, кои се незадоволни по изборот на Васил Бубев за директор, кој во моментов е директор на градинките, а претходно работел како професор по физичка култура во ОУ „Гоце Делчев’“ во Василево. Актерите бараат од министерката за култура Ирена Стефоска да го поништи конкурсот, бидејќи одбиени беа магистер по културен менаџмент и актер со речиси 30-годишно искуство.
„Треба да ни дадете шанса да ви покажеме што знаеме и умееме. Да ни дадете шанса да ги препородиме културните институции, кои и така се во многу лоша состојба. До кога партиските штабови и таканаречените кадровски комисии во партиите ќе одлучуваат за тоа кој да биде директор на културна установа и ќе решаваат човечки судбини. Почитувана Министерке за култура, конечно треба да ставите крај на диктирани партиски решенија за поставување директори на културни институции и да кажете НЕ на сите партиски притисоци“, стои во Иницијативата потпишана од околу 260 културни работници не само до Струмица туку од цела Македонија.
Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК побара коментар од министерката Стефоска во врска со барањето за непоставување на партиски кадри во културата. Од „Фис-култура или култура“ ни рекоа дека Иницијативата е испратена по пошта, па така од Министерството велат дека сè уште немаат добиено допис.
Актерот Ванчо Василев од името на актерскиот ансамбл при Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица побара средба кај министерката за да ѝ укажат за пропустите направени при изборот. Ѝ дадоа рок до четврток да ги прими во спротивно, велат, ќе преземат други дејствија.
„Целта ни е нашиот глас да се слушне и да дојде до промена на таа одлука од страна на Министерството за култура. На нашата иницијатива се приклучија околу 265 културни работници од цела држава од сите можни профили. Бараме да се поништи изборот и да се објави нов конкурс“, рече актерот Василев.
„Во однос на прашањето за поништување на Конкурсот, Министерството за култура ве информира дека во актуелниот Закон за култура не постои основ за поништување на конкурс. Би сакале да истакнеме дека во новиот предог-закон за јавен интерес во културата кој се наоѓа во собраниска процедура, се предвидуваат измени во условите за избор на директор“, велат од кабинетот на министерката Стефоска.
Деновиве реагираа и останатите две кандидатки во трката за директор на „Антон Панов“. Јасмина Пијанманова магистер по културен менаџмент и вработена во музејот во Струмица вели дека таа не била повикана на интервју, а во однос дека има познавања од англиски можело да се види од студирањето.
Оливера Аризанова, која работи како актерка околу 30 години, немала вели дека Комисијата воопшто не утврдила дека таа повеќе од пет години работи во културна институција.
Од Министерството за култура рекоа дека само Васил Бубев формално-правно ги исполнил условите за директор, а Факултетот за физичка култура се смета дека е дел од општествените науки што било во согласност со распишаниот конкурс.
В. ТРАЈКОВ