Косовскиот филм „Улиште“ на режисерката Блерта Башоли, копродукција помеѓу Косово, Македонија, Швајцарија и Албанија, освои 3 награди на фестивалот Санденс, најголемиот за независен авторски филм во САД. „Улиште“ е победник во категоријата Филм од светот и ги освои главната награда од жирито, од публиката и за најдобра режија. Ова е уште една потврда за континуираниот подем на косовската кинематографија последниве 5 години.
Најголем победник на Санденс е американскиот „Кода“ на Шон Хедер, кој освои 4 награди во селекцијата на американски филмови, меѓу кои и главната награда на жирито и наградата на публиката. Американскиот документарец „Летото на Соул“ освои 2 награди.
Поради ковид-19 пандемијата Санденс годинава се одржува онлајн, а наградите беа соопштени ноќва.
„Улиште“ е за жена од Косово чиј сопруг исчезнал во косовската војната и која се бори против патријархалното општество за да ја одржи својата фирма. Македонски копродуцент е „Црна мачка продукција“ и продуцентите Кристијан Буровски и Томи Салковски, а беше поддржан од македонската Агенција за филм на конкурсот во 2017 со 3.000.000 денари (околу 50.000 евра).
Во 2019 на Санденс почна и триумфалниот пат на документарецот „Медена земја“ во 2019 со освоени три награди, а лани краткиот филм „Налепница“ на Георги Унковски исто така играше на фестивалот. Во 2018 на Сандес, краткиот филм „Види ја ти неа“ на Горан Столевски победи во својата категорија, а продуцент беше исто така „Црна мачка продукција“.