Заедничка изложба на уметници од современата сцена од Канада и од Македонија ќе се отвори вечерва во 19 часот во Чифте амам во Скопје.
Националната галерија на Северна Македонија (НГСМ) ја организира изложбата насловена „Флукс идентити“ (Flux identity) во соработка со Амбасадата на Канада во Србија и невладината организација „Визарт“ од Нови Сад, Србија.
На изложбата динамичен дијалог на тема идентитет и неговата разновидност со уметници од Канада, водат македонските уметници: Моника Мотеска, Вана Урошевиќ, Роберт Јанкулоски, Дијана Томиќ-Радевска, Велимир Жерновски и Шќипе Мехмети.
Автор на проектот и куратор е Светлана Младенов од „Визарт“ Нови Сад, стручната соработка на проектот е на Весна Перуновиќ, а кустос-соработник од Националната галерија е Ана Франговска.
„Уметниците се фокусирани на темата за идентитетот, разбрана во поширока смисла, со многу паралелни слоеви, бидејќи денес идентитетот повеќе не се препознава како единечен, туку како распарчен и раскршен, флуиден и пропустлив. Идентитетот е постојано во процес на промена и трансформација. Во денешно време, постојаните движења и миграции на населението, како и животот во имиграција, го прават потеклото на поединецот и неговатаавтентичност веќе нестабилни концепти“, велат организаторите на изложбата.
Во рамките на проектот идентитетот ќе се разгледува од различна почетна перцепција: национална, етничка, лична, полова, економска, културна,т ехнолошка, социолошка, антрополошка, етнолошка, верска, визуелна, професионална,дигитална, корпоративна, звучна, семејна, социјална, вредносна и слично. Поставката содржи просторни, мултимедијални и интерактивни инсталации, перформанси, видео, фотографија и дигитална уметност.