ВОЗАЧОТ КОЈ УСМРТИ ДВАЈЦА КАЈ МЛЕЧЕН ЌЕ ОДИ ВО ЗАТВОР, АПЕЛАЦИЈА ЈА ПРЕИНАЧИ УСЛОВНАТА КАЗНА

    ВОЗАЧОТ КОЈ УСМРТИ ДВАЈЦА КАЈ МЛЕЧЕН ЌЕ ОДИ ВО ЗАТВОР, АПЕЛАЦИЈА ЈА ПРЕИНАЧИ УСЛОВНАТА КАЗНАОштетената Апостоловска поднесе претставки за работата на судијката Елена Јосифовиќ и обвинителката Снежана Бундалевска Ѓорѓиевска до Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, но одговорност не беше утврдена. (архивска фотографија)

    Возачот Васил Чорбаџиев, кој на 12.10.2018 во сообраќајката кај „Млечен ресторан“ усмрти 32-годишник од Тетово, а неговата бремена сопруга Наташа Апостолоска тешко ја повреди, поради што го загуби детето, сепак ќе оди во затвор, откако Апелациониот суд Скопје ја преиначи условната казна со затворска казна од две години. Ова вечерва го кажа министерот за правда Бојан Маричиќ во емисијата „24 анализа“ на ТВ24.

    Во септември минатата година, Чорбаџиев беше првостепено осуден на условна затворска казна, откако и судот и обвинителството се сложија дека делото било од небрежност, а не со умисла.

    Оштетената Апостоловска поднесе претставки за работата на судијката Елена Јосифовиќ и обвинителката Снежана Бундалевска Ѓорѓиевска до Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, но одговорност не беше утврдена.

    Неколку дена по првостепената пресуда, и Основниот кривичен суд и Основното јавно обвинителство Скопје се огласија со соопштенија, откако оштетената се пожали на Твитер и за случајот се заинтересира јавноста.

    За обвинителката, според соопштението на обвинителството, поважно било што на возачот Чорбаџиев му било запалено зелено светло кога свртел, иако тој семафор е исклучиво за пешачкиот премин, а не за вртење лево, бидејќи на истиот семафор има знак „ЗАБРАНЕТО ВРТЕЊЕ ЛЕВО“.

    Според соопштението на судот, судијката му изрекла условна затворска казна бидејќи обвинетиот признал вина. Ако обвинителот кажал дека е од небрежност, судијата по тоа се води, кажа тогаш судот, иако обвинителката побарала затворска казна без разлика што за трагичниот настан напишала дека не е со намера и умисла. Судијката по признанието, воопшто не навлегла во утврдување фактичка состојба.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира