Тетовчанката Наташа Димитриевска, која пред две и пол години во сообраќајката кај „Млечен ресторан“ ги загуби сопругот и нероденото бебе, а и сама има трајни последици, е задоволна од одлуката на Апелациониот суд Скопје, кој ја преиначи условната казна за возачот Васил Чорбаџиев во двегодишна затворска казна, но смета дека ако не беше нејзината борба преку медиумите и социјалните мрежи, прашање е дали обвинителството воопшто ќе поднесеше жалба на првостепената пресуда.
„Задоволна сум од информацијата дека е променета условната казна со ефективна казна затвор. Ново е тоа што е изречена и казна за забрана за управување со моторно возило во период од две години и тоа е голем напредок зошто во првичната постапка обвинителството тоа не го ни бараше, туку тоа јас го барав во моите претставки поднесени до Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Мислам дека ако не беше оваа борба преку медиумите и социјалните мрежи и големата поддршка што ја добивав и сè уште ја добивам од целата јавност немаше да успеам бидејќи под знак прашалник беше дали Обвинителство воопшто ќе поднесеше жалба“, вели Димитриевска.
Таа сега се надева дека Судскиот совет ќе ја разгледа нејзината претставка за работата на судијката Елена Јосифовиќ, а од Советот на јавни обвинители очекува конкретно образложение за направените пропусти од страна на обвинителката Снежана Бундалевска Ѓорѓиевска.
„Сега се надевам дека Судскиот совет ќе го разгледа предметот против судијата од Кривичниот суд, кој го водеше предметот и ќе донесе одлука во рамките на нивните надлежности, а Советот на јавни обвинители ќе ја разгледа претставката и ќе дадат конкретно образложение по овој предмет зашто не може со три реченици на еден лист хартија да се даде образложените за многуте направени пропусти во истражната постапка па и во главната расправата од страна на Јавниот обвинител. Не може за вакво дело да се изрече условна казна бидејќи животот го изгуби Гоце, јас го изгубив плодот и сум со тешки телесни повреди кои се од траен инвалидитет“, кажа Димитриевска.
- ВОЗАЧОТ КОЈ УСМРТИ ДВАЈЦА КАЈ МЛЕЧЕН ЌЕ ОДИ ВО ЗАТВОР, АПЕЛАЦИЈА ЈА ПРЕИНАЧИ УСЛОВНАТА КАЗНА
- ОБВИНИТЕЛКАТА ПОСТАПИЛА ПРАВИЛНО ЗА СООБРАЌАЈКАТА КАЈ МЛЕЧЕН, УТВРДИ СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ И НЕМА ДА ПРЕЗЕМЕ НИШТО
- СУДИЈКАТА ДАЛА НАЈБЛАГА КАЗНА ЗАШТО ВОЗАЧОТ КАЈ МЛЕЧЕН ПРИЗНАЛ ВИНА, ВЕЛИ КРИВИЧНИОТ СУД, ИАКО ОБВИНИТЕЛКАТА БАРАЛА ЗАТВОР
- ВОЗАЧОТ КАЈ МЛЕЧЕН СВРТЕЛ ЛЕВО НА СТРОГО ЗАБРАНЕТО, ПОТВРДИ СКОПСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО, НО ОБВИНИТЕЛКАТА И СУДИЈКАТА НЕ ВИДЕЛЕ УМИСЛА ДА УСМРТИ
Таа сè уште нема информација со кое образложение е преиначена одлуката, знае само дека има само одлука дека одлуката за казната е променета, а денеска се очекува Судот да објави кратко соопштение по однос на овој предмет.
Веста за преиначената одлука ја соопшти синоќа министерот за правда Бојан Маричиќ во емисијата „24 анализа“ на ТВ24.
З. АНДОНОВ