Нова политичка алијанса е единствениот начин за справување со огромниот ѕид од корупција во Косово, кажаа главните кандидати за позициите премиер и претседател Албин Курти и Вјоса Османи во пресрет на неделните парламентарни избори, шести во последните 12 години.
Иако доаѓаат од различни традиции и партии, комбинацијата Курти-Османи се покажа популарна во предизборните анкети, зашто, како што велат, ја делат посветеноста да стават крај на состојба на заробеност од корумпирана елита.
Курти е левичар силно фокусиран на младите и правдата, на кого Уставниот суд пред една недела му забрани да учествува на изборите поради инцидентот од 2018 година, кога активираше солзавец во парламентот. Сепак, поради дупки во косовскиот изборен закон, се очекува Курти сепак да служи како премиер доколку неговата партија Самоопределување победи на изборите, за што ѝ се даваат големи шанси. Во случај на победа, Курти најави дека ќе инсистира парламентот да ја назначи 38-годишната Османи за претседател на државата.
Самоопределување однесе шокантна победа на изборите во 2019, за потоа да формира владина коалиција која опстана само 50 дена. Следната влада на Авдула Хоти издржа само до декември минатата година, кога беше утврдено дека била изгласана со еден невалиден глас.
Голем број иселеници доаѓаат дома за да гласаат. И покрај пандемијата, на аеродромот во Приштина денеска ќе слетаат 16 авиони, повеќето од Швајцарија, а утре се очекуваат уште 29 од Швајцарија, Германија и Турција.