Лидерот на партијата Самоопределување Албин Курти прогласи победа на вчерашните вонредни парламентарни избори во Косово откако обезбеди убедлива предност во однос на ривалите. По 90% пребројани гласови, Самоопределување имаше освоено 48% гласови, објави државната изборна комисија.
„Овие избори беа референдум за правда и работа наспроти состојба на заробеност и корупција. Оваа голема победа е шанса да почнеме нешто ново. Пред нас е многу работа за да ја извлечеме земјата од повеќе кризи“, кажа левичарот Курти, додавајќи дека нормализирањето на односите со Србија ќе му биде петта или шеста најважна работа.
Курти беше изненадувачки победник на изборите и во 2019, но неговата влада беше соборена во март минатата година.
На второто место според гласовите е Демократска партија на Косово (18%), а за досега владејачката Демократска лига на Косово гласаа 13% избирачи. Демократска партија на Косово (ПДК), чиј лидер Хашим Тачи заврши во Хаг, објави дека нема да биде дел од новата влада.
„Резултатите кажуваат дека Самоопределување е на прво место и тоа е јасна порака. ПДК ќе го прифати тоа“, кажа Енвер Хоџај, кој сега ја предводи партијата.