Премиерот Зоран Заев кажа дека граѓаните сакаат да се заштите охридското крајбрежје согласно стандардите на УНЕСКО и нивниот глас мора да се почитува, одговарајќи на новинарско прашање за изјавата на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко дека барањата на УНЕСКО се неприфатливи.
Во саботата, Мерко рече дека строго дефинираните правила на УНЕСКО кои предвидуваат забрана за градба и рушење на сè што е бесправно изградено во заштитените зони се неприфатливи и тврди дека неговата општина ќе трпи огромни финансиски штети, а граѓаните нема да можат да си го остварат своето право според постоечкиот Закон за легализација. Мерко рече и дека Планот за управување со културното и природното наследство во Охридскиот Регион го спречува нормалното функционирање на Општина Струга во делот на постапување според веќе донесените урбанистички планови во Општината.
„Јас ги почитувам определбите на секој во државата, но сите во еден глас сме за почитување на гласот на граѓаните, за зачувување на Охридското езеро како заштитено од УНЕСКО. Ќе превагнеме кон мегаломанско градење или кон планот за заштита според УНЕСКО и отстранување на сè што е во заштитена зона. Тоа е барање на граѓаните, кои скоро 100% се определени за заштита на Охридското крајбрежје според стандардите на УНЕСКО и мора да ги испочитуваме до крај. Нема да отстапиме од ова без разлика на сè“, изјави денеска Заев, по потпишувањето на договор за грант наменет во обновливи извори за енергетска транзиција со германската амбасадорка Анке Холштајн.