Петмина жители на струшкото село Октиси, четворица мажи и една жена, вчераутро пет минути по полноќ слетале со специјален лет од Италија, откако тамошните власти ги протерале од државата.
Петтемина македонски државјани, според италијанските власти, протерани се поради загрозување на националната безбедност, бидејќи на нивните фејсбук профили биле објавени голем број видеа и документи за поддршка на терористичката војска на ИСИС. МВР, по обавениот разговор со петтемина протерани од Италија, ги ослободило.
Разговорот со нив веднаш по слетувањето на аеродромот Александар Велики го обавиле инспектори од Управата за безбедност и контраразузнавање, кои процениле дека протераните лица се безопасни.
Официјално, од МВР не го коментираат основот поради кој овие лица од Октиси се депортирани. Велат, не може МВР да зборува во име на италијанските власти. Според италијанското МВР, сите биле фанатични следбеници на самопрогласениот Калифат и ги поддржувале терористичките напади во Европа, како и активностите на ИСИС во Сирија.