Новак Ѓоковиќ ја освои деветтата титула на Отвореното првенство на Австралија, доближувајќи се до рекордерите Роже Федерер и Рафаел Надал на само две гренд слем титули. Во денешното рутинско финале, тој со 7:5, 6:2, 6:2 го совлада Русинот Данил Медведев, за кого ова беше втор пораз во гренд слем финале, по Ју-Ес опен во 2019.
Ѓоковиќ сега има 18 освоени гренд слем титули, од кои половина се во Мелбурн, каде што нема пораз во досега играните девет финалиња.
„Во изминатиот месец, ние, тенисерите се соочивме со многу предизвици околу доаѓањето во Мелбурн. Не беше лесно, па затоа им благодарам на организаторите што овозможија турнирот да се случи. Секој ден, сѐ повеќе и повеќе го сакам овој турнир. Ова е љубовна врска што трае“, изјави Ѓоковиќ.