НОВО СЕЛО НАБАВИ МОБИЛНА АМБУЛАНТА КОЈА ЌЕ НУДИ ОСНОВНИ ЗДРАВСТВЕНИ УСЛУГИ ВО ПЛАНИНСКИТЕ СЕЛА

    НОВО СЕЛО НАБАВИ МОБИЛНА АМБУЛАНТА КОЈА ЌЕ НУДИ ОСНОВНИ ЗДРАВСТВЕНИ УСЛУГИ ВО ПЛАНИНСКИТЕ СЕЛАЛуѓето однапред ќе бидат запознати кога возилото ќе престојува во нивното место (Фото: СДК.МК)

    Жителите на планинските населени места во Општина Ново Село, каде што нема амбуланти и се оддалечени повеќе километри од општинскиот центар со матични лекари, наскоро ќе добиваат примарна здравствена заштита во своите средини. Општината, заедно со граѓанското здружение „Феникс“, преку програмата за прекугранична соработка набави специјално амбулантно возило со медицинска опрема, кое секојдневно, по утврден распоред, ќе оди по населените места и на жителите ќе им нуди превентивни здравствени услуги. Станува збор за проектот „Мрежа за примарна здравствена заштита“, кој Ново Село и „Феникс“ го реализираат со грчката општина Ираклеа и институтот Демокритос.

    „Имаме населени места кои се со планински карактер и луѓето немаат пристап до примарна здравствена заштита. Со овој проект набавивме две специјални возила кои ќе бидат како мобилни амбуланти, едно на македонска и едно на грчка страна. Луѓето од населените места однапред ќе бидат запознати кога возилото ќе престојува во нивното село и по свој избор ќе можат да се прегледаат“, изјави Туше Стојанов, коориднатор на проектот.

    Услуги од примарната здравствена заштита преку проектот ќе се даваат во наредните шест месеци. Ќе бидат ангажирани двајца лекари, медицинска сестра, социјален работник, возач и ИТ инженер, кои ќе одат по селата. Медицинската опрема во возилото вклучува апарати за мерење крвен притисок, спирометар, инструменти за мерење шеќер, триглецириди и холестерол во крвата, оскиметар, два типа на ЕКГ и ЕХО ултразвук.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира