СРЕЌЕН СУМ ШТО УЛИЦИ ВРЗАНИ ЗА БИТИЕТО НА СКОПЈЕ ЌЕ СИ ГО ВРАТАТ ИМЕТО, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ

    СРЕЌЕН СУМ ШТО УЛИЦИ ВРЗАНИ ЗА БИТИЕТО НА СКОПЈЕ ЌЕ СИ ГО ВРАТАТ ИМЕТО, ВЕЛИ ШИЛЕГОВЛистата на имиња откако беше усвоена од Советот на Град Скопје сега треба да помине на Влада. (Фото: К. Попов)

    Советот на Град Скопје на вчерашната седница ги изгласа новите имиња според кои ќе се именуваат улици во градот. Во листата се 570 имиња, а по реакција на влашката заедница името на Али Паша Јанински беше тргнато.

    Советниците од ВМРО-ДПМНЕ беа против новите предлози, велејќи дека сега не е време да се менуваат имиња на улици, граѓаните ќе имаат дополнителни трошоци, а во нивно време била направена промена за да се исправи неправдата и заслужни македонски личности и борци да добијат имиња на улици.

    „Градоначалник, велите дека новите имиња на улици се ваше предизборно ветување. Па вие ветивме и нови улици, мостови, Луна парк, Универзална сала и ред други проекти, а ништо од тоа не реализиравте, па ви дојде да ги менувате имиња на улици. Како советничка група, бараме овој ваш предлог да го повлечете“, рече советничката Светлана Колариќ од ВМРО-ДПМНЕ.

    Градоначалникот Петре Шилегов им одговори дека процесот за новата листа на имиња е отворен уште пред година и половина. Предлозите се од граѓани кои ги доставувале на јавната анкета.

    „Вие како советници, можевте да учествувате во таа јавна анкета, можевте да учествувате и во Комисијата за именување на улици, плоштади, мостови, но тоа не го сторивте. Лага е дека со оваа одлука ќе се сменат одредени имиња. Никој не рекол дека Борис Трајковски и Киро Глигоров нема да имаат улица во Скопје. Но, јас сум среќен што традиционални улици во нашиот град кои што се врзани за битието и функционирањето на урбано Скопје ќе ги вратиме. Тие сè уште разговорно меѓу скопјани се викаат на тој начин, а не по новото име кое им беше дадено во време на претходната власт“, рече Шилегов.

    Листата на имиња откако беше усвоена од Советот на Град Скопје сега треба да помине на Влада, по дури тогаш ќе може да се менуваат или враќаат старите имиња на улиците. Од Градот велат дека тоа што се усвоени 570 имиња не значи дека сите веднаш ќе добијат улица или плоштад.

    Во листата на нови имиња се пејачот Дејви Боуви, групите „Квин“, „Леб и сол“, „Лева патика“, „Мизар“, како и Есма Реџепова и филмот „Медена земја“. Улици во Скопје ќе го носи името и на новинарот Никола Младенов, пејачката Вања Лазарева, архитектот Живко Поповски, спортистите Благоја Георгиевски-Буштур, Атина Бојаџи, како и заменик-градоначалникот на Скопје Енвер Малиќи. Еден плоштад ќе се вика „Вера надеж и љубов“, а улица да биде крстена и според местото Нивици каде беше потпишан Договорот од Преспа.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира